Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски поднесе оставка од лични причини. Оставката ја доставил до премиерот Христијан Мицкоски на 9 октомври, а денеска, 13 октомври, е доставена и до Собранието.
Во писмото Андовски му се заблагодарува на премиерот за укажаната доверба, поддршката и досегашната соработка, наведувајќи дека за него било чест и одговорност да биде дел од Владата и да придонесува за унапредување на здравствениот систем.
Тој побарал Собранието да ја констатира неговата оставка на првата наредна седница.
Андовски ја извршуваше функцијата од почетокот на мандатот на Владата предводена од Мицкоски. За време на неговиот мандат во Министерството за здравство се сменија тројца министри – Арбен Таравари, Азир Алиу и Сашо Клековски.
За Андовски ова беше втор мандат на функцијата заменик-министер за здравство. Истата позиција ја извршуваше и од 2011 до 2017 година, кога беше заменик на тогашниот министер Никола Тодоров. Во Министерството се врати во јули 2024 година, по седум години.
Оставката следува откако премиерот Мицкоски пред две недели најави дека наскоро ќе предложи нови заменици-министри. Засега нема официјална информација кој би можел да го наследи Андовски.

