Пет кандидати за шеф на ОЈО ГОКК ги претставија своите планови
Повеќе финансиски истраги, конфискација на незаконски стекнат имот, зајакнување на истражните центри и поголема независност во работењето се главните заложби што денеска ги претставија петтемина кандидати за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски пред Советот на јавните обвинители ги образложија своите приоритети за раководење со обвинителството.
Азизи најави зајакнување на Истражниот центар, поголемо внимание на перењето пари во градежништвото и постапување по предмети поврзани со лица од меѓународните црни листи. Пеливанов акцентот го стави на независноста, професионалното постапување, финансиските истраги и конфискацијата на незаконски стекнат имот.
Раичевиќ не претстави конкретна програма пред Советот, туку ги истакна своето искуство и стручност, со заложба обвинителството самостојно и поактивно да открива криминал, наместо да се потпира само на предметите доставени од полицијата.
Хаџи Василева предложи промени во четири области: поголема ефикасност, финансиски истраги и конфискација, зајакнување на капацитетите и транспарентност. Цветановски се заложи за намалување на бројот на стари предмети, кадровско зајакнување и истраги што ќе завршуваат со правосилни пресуди и одземање на незаконски стекнатиот имот.
Иако приоритетите им се разликуваат, кандидатите се согласуваат дека обвинителството има потреба од поголема ефикасност и подобри капацитети. Прашањето останува како најавените промени ќе се спроведат и какви резултати ќе донесат.
Изборот на наследникот на Ислам Абази е закажан за 28 октомври, кога јавните обвинители ќе гласаат непосредно и тајно.
Рацин.мк претходно ги анализираше ставовите, професионалното искуство и ветувањата на петтемина кандидати, како и прашањата на кои јавноста сè уште очекува одговори.

