Маурициус воведе полициски час во Порт Луис и други населени места вчера, 13 октомври, по повеќедневни протести што Блумберг ги опишува како најтешките немири од 1999 година. Незадоволството поради недостигот на вода и растечките животни трошоци дополнително ескалираше откако полицаец рани 27-годишна жена што се враќала од работа.
Премиерот Навин Рамгулам во обраќање до нацијата најави ограничување на движењето од 20:30 часот на 13 октомври до шест часот наутро на 14 октомври, по локално време. Мерката ја опфаќа престолнината и други поголеми населени места на островската држава во Индискиот Океан.
Протестите почнале на 7 октомври во централниот дел на островот. Демонстрантите блокирале патишта со стар мебел и душеци, а во последните судири биле запалени полициски возила и нападнати полициски станици. Историчарот и политички аналитичар Жослен Шан Лоу за Блумберг оцени дека насилството добило пошироки размери. „И овој пат, како во 1999 година, полицијата е главната цел“, изјави тој
Во средиштето на гневот е случајот со Елоди Тома. Според локалниот „Л’Експрес“, таа била погодена со куршум околу 23:30 часот на 9 октомври во Камп Левје, додека се враќала од работа во комбе. Во населбата претходно имало тензии поврзани со проблемите во снабдувањето со вода. Околностите на пукањето се предмет на истрага, а полицискиот наредник се соочува со привремени обвиненија.
Тома беше оперирана на 12 октомври. Министерот за здравство Анил Бачу следниот ден соопшти дека интервенцијата поминала успешно и дека младата жена се освестила и ги отворила очите. Нејзиното лекување продолжува под медицински надзор.
Немирите го нарушија секојдневието и надвор од местата на судирите. На 13 октомври беа затворени училишта и одложени испити, додека деловните здруженија ги повикаа компаниите да им овозможат на вработените работа од дома. Автобускиот превоз беше предвидено да заврши порано од вообичаено.
Зад протестите стои и притисокот врз домашните буџети. Според Блумберг, сушата ги намалила резервите во акумулациите и довела до ограничувања во користењето вода во одделни области, додека поскапувањето на горивата дополнително ги зголемило трошоците. Земјата, чија економија значително се потпира врз туризмот и финансиските услуги, ретко се соочува со вакви немири. Споредбата со 1999 година се однесува на насилствата што тогаш избувнаа по смртта на популарниот пејач Каја во полициски притвор.
Владата најави нова седница за денес попладне, на која ќе ја разгледа безбедносната состојба и натамошните мерки.

