Ескалираат протестите во Албанија, пожари и судири низ Тирана

Протестите во Албанија прераснаа во масовни судири со полицијата, а во центарот на Тирана избувнаа повеќе пожари. Демонстрантите нападнаа владини институции, банки и деловни објекти, фрлаа молотови коктели и камења, додека полицијата интервенираше со солзавец и водени топови.

Во текот на средата, 14 октомври, протестите се проширија од Министерството за образование кон повеќе делови на албанската престолнина. Во пожар беше зафатена зградата на Министерството за образование, а демонстрантите нападнаа и други државни институции, меѓу кои Министерството за економија и Министерството за правда.

Според албанските медиуми, запален бил приземниот дел од зградата на Министерството за правда, додека пожари избувнале и кај неколку финансиски институции. Ројтерс јави дека биле запалени две банки, а оштетени се и излози на продавници и други деловни објекти.

На булеварот „Дешморет е Комбит“, во близина на Владата, демонстрантите поставија запалени барикади и фрлаа молотови коктели кон полициските кордони. Пожари беа регистрирани и во близина на Пирамидата и комплексот Кули близначки, каде што чадот и огнот зафатија делови од објектите.

Во вечерните часови демонстрантите се упатија кон парламентот, каде што повторно дојде до судири. Дел од нив се обидоа да ги пробијат полициските кордони и фрлаа камења и запаливи средства кон полицијата.

Албанското Министерство за здравство соопшти дека во денешните судири се повредени најмалку седум полицајци, а медицинска помош побарале и повеќе демонстранти. Според полицијата, по вчерашните немири биле уапсени 16 лица, а против уште 49 биле поведени постапки.

Протестите започнаа поради незадоволството на студентите од условите во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување. Во меѓувреме, протестното движење се поврза со пошироките антивладини демонстрации, на кои се бара оставка од премиерот Еди Рама.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај повика на воздржаност и одговорност, нагласувајќи дека правото на мирен протест мора да биде гарантирано, но дека насилството и полициската сила мора да останат во границите на законот.

Делегацијата на Европската Унија во Албанија изрази загриженост поради ескалацијата и побара од полицијата пропорционална употреба на сила и почитување на правата на демонстрантите и новинарите.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?