Жестока расправија меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ја одбележа денешната собраниска седница. Двајцата разменија меѓусебни обвинувања за семејни бизниси, партиски донации и наводни злоупотреби, а Мицкоски го повика Апасиев своите тврдења да ги повтори надвор од Собранието и да ги докаже на суд.
Повод за расправијата беа прашањата на Апасиев за деловните активности на Јорданчо Јанев, баџанак на премиерот, неговите компании во Македонија и Бугарија, како и за договорот за организирање свечен ручек во Струмица, кој, според лидерот на Левица, го добила фирма поврзана со Јанев.
Апасиев постави прашања и за донациите на лица поврзани со овие компании кон ВМРО-ДПМНЕ, барајќи одговор дали постои поврзаност меѓу приватните деловни интереси и политичката моќ.
Мицкоски ги отфрли обвинувањата и потврди дека Јанев му е баџанак, но нагласи дека тој развива сопствен бизнис повеќе од 25 години и дека во тоа нема ништо незаконско.
Премиерот остро реагираше на настапот на Апасиев, обвинувајќи го дека ја користи собраниската говорница за изнесување лаги и клевети без да сноси одговорност.
„Јас ве поканувам како голем маж, храбар маж, што не сте, а не обична кукавица, да излезете ова што денеска го кажавте и надвор пред медиуми на прес-конференција да го кажете“, му порача Мицкоски, најавувајќи можност за судска пресметка.
Тој го обвини Апасиев и дека критикува туѓи бизниси, додека, според неговите тврдења, самиот троши пари на скапи хотели, гардероба и патувања во Грција.
Во продолжение, премиерот се осврна и на финансирањето на политичките партии, наведувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници членови и симпатизери кои донираат средства, за разлика од Левица, чии функционери, според неговите обвинувања, добиваат партиски хонорари и дневници.
Апасиев возврати со лични критики кон премиерот, нарекувајќи го „инфериорен сноб“ и обвинувајќи го дека носи часовници вредни десетици илјади евра. Тој го спомена и претходниот судски спор за клевета меѓу нив, тврдејќи дека Мицкоски сè уште должи судски трошоци.
По собраниската расправија, Мицкоски објави видео на Инстаграм со порака до Апасиев, повторувајќи го повикот обвинувањата да ги изнесе пред јавноста.
„Јас никогаш нема да се спуштам на вашето ниво и да зборувам за семејства“, напиша премиерот, обвинувајќи го лидерот на Левица дека лаже, инсинуира и измислува.
Апасиев, пак, најави дополнителни објави и документи поврзани со деловните активности што ги спомена на седницата.

