Хрватска достави осум услови што Црна Гора треба да ги исполни пред да стане членка на Европската Унија. Загреб ги поврзува нерешените билатерални прашања со затворањето на преговарачките поглавја и предупредува дека без нивно решавање може да биде доведено во прашање членството на Црна Гора планирано за 2028 година.
Документот е доставен до земјите членки на ЕУ и до европските институции на почетокот на неделава, објави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на дипломатски извори.
Шест од осумте барања се поврзани со поглавјето 23, кое се однесува на правосудството и основните права, додека преостанатите две се однесуваат на поглавјето 31, за надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Најголем дел од условите произлегуваат од воените случувања во деведесеттите години и нерешените прашања од распадот на поранешна Југославија.
Хрватска бара обесштетување за повеќе од 300 нејзини државјани кои биле затворени во логорот Морињ во Црна Гора, од октомври 1991 до август 1992 година. Загреб инсистира и на трајно зачувување на спомен-плочата поставена на местото на поранешниот логор.
Третиот услов е преименување на градскиот базен во Котор, кој го носи името на ватерполистот Зоран Гопчевиќ. Според хрватската страна, Гопчевиќ бил чувар во логорот Морињ, поради што хрватските спортски клубови одбиваат да настапуваат на тој базен.
Загреб бара и целосна соработка во расветлувањето на судбината на 14 хрватски државјани кои сè уште се водат како исчезнати од војната, вклучително и пристап до архивите и релевантната документација.
Петтиот услов се однесува на гонењето на одговорните за воени злосторства, вклучително и утврдувањето командна одговорност.
Хрватска бара и решавање на имотните спорови на хрватски семејства во Црна Гора, меѓу кои се 51 семејство од Тиват и други од Бока Которска. Според Загреб, дел од овие случаи остануваат нерешени и покрај правосилни судски пресуди.
Последните два услова се однесуваат на враќањето на школскиот брод „Јадран“ и решавањето на граничните прашања меѓу двете држави.
Хрватска тврди дека бродот „Јадран“, кој пред распадот на Југославија бил стациониран во Сплит, ѝ припаѓа согласно Спогодбата за прашањата на сукцесијата од 2001 година. Црна Гора, пак, го оспорува хрватското барање за негово враќање.
Во однос на границата, Загреб бара Подгорица да ја признае поранешната меѓурепубличка копнена граница и да потпише договор за нејзино утврдување. Потоа би продолжиле разговорите за разграничување на море.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, по состанокот на министрите на ЕУ во Луксембург на 12 октомври, изјави дека барањата се однесуваат на наследството од распадот на Југославија, човековите права и владеењето на правото.
Според хрватскиот документ, ниту едно од отворените прашања досега не е целосно решено, и покрај повеќекратните билатерални средби.
Загреб наведува дека не сака да го попречува европскиот пат на Црна Гора, туку бара конкретен напредок како предуслов за поддршка на завршувањето на преговорите и ратификацијата на пристапниот договор.
Црна Гора во моментов е најнапредната земја кандидат за членство во ЕУ. На 12 октомври затвори уште три преговарачки поглавја, со што бројот на привремено затворени поглавја достигна 21 од вкупно 33.
Црногорската влада планира да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година и да стане членка на Унијата во 2028 година.
Сепак, бидејќи за затворањето на поглавјата и за конечниот прием е потребна согласност од сите земји членки, Хрватска има можност да го забави или блокира пристапниот процес доколку не бидат исполнети нејзините барања.

