Студентските протести се шират низ Албанија, младите излегоа на улиците во повеќе градови

фото: lajmifundit.al

Студентските протести во Албанија добиваат национални размери. По тридневните демонстрации во Тирана, денеска студентите и средношколците излегоа на улиците и во Драч, Корча, Скадар, Валона и Елбасан. Во повеќе градови наставата е бојкотирана, а незадоволството од состојбите во образованието прераснува во поширок протест против владата на премиерот Еди Рама.

Според албанските медиуми, студентите бараат подобри услови за студирање, пониски трошоци за образование, поголема финансиска поддршка и подобри можности за вработување по дипломирањето. Кон протестите се приклучуваат и средношколци, а во дел од градовите демонстрантите бараат и оставка од премиерот.

Во Драч, студентите од Универзитетот „Александар Моисиу“ ја бојкотираа наставата и организираа мирен марш кон градските институции. Нивните барања се однесуваат и на недостигот од студентски домови, трошоците за живот и проблемите со превозот.

Во Корча протестите се проширија и во средните училишта. Стотици млади излегоа на улиците, а во текот на демонстрациите беа пријавени оштетувања на јавна инфраструктура и судири со полицијата. Според локалните медиуми, неколку лица биле приведени.

Протести се одржуваат и во Елбасан, каде што средношколци маршираа низ градот, повикувајќи ги своите врсници да им се приклучат. Полицијата интервенирала по инциденти и оштетување на имот.

Во Валона студентите го напуштија наставниот процес и организираа марш во знак на солидарност со демонстрантите во Тирана. Според локалните известувања, собирот се одвивал мирно. Бојкот на наставата и студентски собири се пријавени и во Скадар.

Во меѓувреме, ситуацијата во Тирана останува напната. Демонстрантите и полицијата повторно се судрија во близина на Министерството за образование, каде што беа употребени солзавец и водени топови. Претходниот ден беа оштетени и запалени владини објекти, банки и деловни простории. Според податоците што ги пренесе Асошиејтед прес, во средата биле повредени 89 лица, меѓу кои 61 полицаец.

Премиерот Еди Рама денеска изјави дека нема да поднесе оставка. Во одговор за Ројтерс, тој порача дека владите се менуваат на демократски избори, а не преку насилни протести. Истовремено, изрази подготвеност да разговара за проблемите во образованието, но ги осуди нападите врз институциите и уништувањето јавен имот.

Ширењето на протестите надвор од Тирана претставува нов развој на студентското незадоволство. Додека дел од демонстрациите се одвиваат мирно, во други градови се регистрирани насилни инциденти, а барањата за подобри услови во образованието сè повеќе се поврзуваат со пошироки политички барања.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?