Мало рибарско место, суштество што се крие под водата и тајни што излегуваат на површина. Новата серија на Нетфликс „Below“, со Џош Хартнет во главната улога, собра 17 милиони гледања во првите четири дена по премиерата на 8 октомври и веднаш се искачи на врвот на глобалната листа на серии на англиски јазик.
Според официјалните податоци на платформата за неделата од 5 до 11 октомври, тоа е најгледаниот дебитантски настап на канадски наслов во историјата на Нетфликс. Зад „Below“ се најде адаптацијата на романот „Источно од рајот“, со Флоренс Пју, која во втората недела забележа 12,6 милиони гледања.
Во средиштето на приказната е Калвин Пени, рибар од Њуфаундленд кого сè уште го прогонува мистериозната смрт на татко му. Кога непознато морско суштество почнува да го тероризира неговото место, Калвин се здружува со истражувачка на морскиот свет, која ја игра Мекензи Дејвис. Заедно се обидуваат да откријат што се случува под површината и како да ги заштитат жителите.
Опасноста од морето ја затекнува заедницата пред уште една тешка одлука. Жителите треба да гласаат дали ќе прифатат откуп на своите имоти и ќе го напуштат местото. Калвин истовремено се бори за безбедноста на семејството и за опстанокот на домот, додека неговиот син Вејд, кого го толкува Чарли Хитон, останува вовлечен во локалните проблеми
Автор на минисеријата од шест епизоди е Џеси Мекјун, кој работел и на „The Umbrella Academy“. Приказната ги спојува морската мистерија, локалните легенди и семејната драма, со хумор што произлегува од карактерите и животот во малата заедница. Снимањето се одвивало во Њуфаундленд, чиј суров крајбрежен предел е важен дел од атмосферата.
Хартнет раскажува дека сценариото веднаш му го привлекло вниманието.
„Првите две сценарија ги прочитав за помалку од еден час“, изјавил актерот за Нетфликс, издвојувајќи ги јасниот авторски пристап и необичниот главен лик. Сите шест епизоди веќе се достапни на платформата.

