Договорот за руски дизел отвори нов судир меѓу Трамп и Киев

Договорот за дизелот меѓу САД и Русија беше прилично неочекуван за меѓународната заедница. Пратениците на Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ѝ објаснија на украинската делегација во Мајами, каде што на 9 октомври се одржуваа преговорите, дека наводниот договор за испорака на 2,25 милиони барели руски дизел може да ја врати Москва на преговарачката маса.

Пишува: Олександар ЛЕВЧЕНКО*

Украинските претставници со скептицизам го прифатија овој пристап. Според Financial Times, американските претставници телефонски контактирале со Украина и со европските престолнини, барајќи да се прекинат нападите врз руските рафинерии за нафта.

Американските предупредувања содржеле дури и закани за суспендирање на размената на разузнавачки информации и блокирање на механизмите за набавка на оружје. Веќе во ноќта на 13 октомври, пет руски балистички ракети ја погодија цивилната инфраструктура на главниот град на Украина, а од американската страна немало предупредување за закана од употреба на балистички ракети. Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На 9 октомври, по телефонскиот разговор со Путин, Трамп објави дека е постигнат договор за испорака на руско дизел-гориво на светските пазари. Неговата администрација привремено ги ублажи санкциите за руското гориво. На 11 октомври, Трамп исто така прогласи „енергетско примирје“ меѓу Украина и Русија. Според него, двете страни наводно се согласиле со договорот.

Концептот на „енергетско примирје“ на Доналд Трамп првично опфаќа исклучиво прекин на нападите врз рафинериите за нафта, а не врз целата енергетска инфраструктура. Идејата на Белата куќа предвидува Украина и Русија да ги запрат нападите конкретно врз рафинериите.

Прекинот на нападите врз електричните мрежи, трафостаниците, топланите или другите енергетски објекти засега не е предвиден со овој план. Американскиот претседател инсистираше дека „енергетското примирје“ стапило во сила веднаш.

Првично, претседателот Володимир Зеленски изјави дека оваа најава била новост за Украина, но дека Киев е подготвен да поддржи заемно запирање на нападите доколку Москва навистина се согласи на тоа и го почитува договорот. Истовремено, украинската страна ги оценува американските услови како еднострани, бидејќи Русија има десетици рафинерии, додека Украина има само една, која руските напади одамна ја ставија надвор од функција.

Само неколку часа по изјавата на Трамп, Русија изврши напади врз електраните во Украина. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, по разговорот со претседателот Володимир Зеленски, ја повика Русија да се согласи на примирје во однос на енергетската инфраструктура. Според Зеленски, и покрај изјавата на Доналд Трамп, руските сили во текот на едно деноноќие нападнале шест украински енергетски објекти.

Во врска со барањето на Трамп за избор на нов претседател на Украина, кое го поддржа и Илон Маск, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас изјави во Луксембург, пред почетокот на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи, дека „ако врз Русија се изврши притисок што ќе ја принуди да ја прекине војната, избори во Украина ќе се одржат“.

Својот став за украинските избори го изнесе и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Таа нагласи дека одлуката за сопствената иднина ѝ припаѓа исклучиво на Украина. „Украина е суверена држава и само самата Украина ќе одлучува за прашањето на изборите и за својата иднина“, изјави Кос.

Ниту една од водечките политички партии во Украина не ја поддржа идејата на Д. Трамп. Истото важи и за огромното мнозинство украински граѓани, кои ја сметаат препораката на американскиот претседател за смена на В. Зеленски за навредлива. Ова не се однесува само на политичките поддржувачи на украинскиот претседател.

Наметнувањето одлуки на Украинците, кои речиси пет години бестрашно се борат против руската агресија, дури и кога тие доаѓаат од претседателот на САД, предизвикува незадоволство кај огромното мнозинство од населението. В. Зеленски има многу политички противници во Украина, но рамката што ја предлага Д. Трамп е понижувачка за сите Украинци. Трамп и претходно имаше многу ниско ниво на поддршка во Украина, но по договорот за дизелот со Путин и предлогот за смена на В. Зеленски, таа падна до нивото на статистичка грешка.

Да потсетиме дека В. Зеленски изјави оти Украина е подготвена да одржи претседателски избори под услов Русија целосно да го прекине огнот во период од 60 дена. Москва повторно одговори дека е подготвена да го прекине огнот само за еден ден, односно на самиот ден на гласањето. Ова е целосно неприфатливо, бидејќи изборната кампања би морала да се одвива под постојано руско гранатирање.

Руските ракети и беспилотни летала можат да погодат која било точка во Украина во секој момент. Поради тоа, во моментов се откажуваат сите јавни настани на територијата на земјата.

„Русија мора да ја прекине агресијата против Украина и да обезбеди целосно, итно и безусловно повлекување на сите свои сили и воена опрема од целата нејзина територија, во рамките на нејзините меѓународно признати граници.“

Ова е наведено во Заедничката изјава објавена за време на општата дебата на Првиот комитет на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН. Документот го поддржаа 47 земји. Во изјавата се нагласува дека „ниту едно територијално проширување што е резултат на закана со сила или на нејзина употреба не може да биде признаено како законито“.

Исто така, се осудуваат континуираните руски напади што предизвикуваат смрт на цивили и уништување објекти, вклучително и критично важната енергетска инфраструктура. Потписниците на изјавата ја повикаа Русија да се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот како прв чекор кон обновување на мирот.

*Олександар ЛЕВЧЕНКО e поранешен украински амбасадор во Хрватска и Босна и Херцеговина

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?