Канада денеска се соочува со едно од најсериозните искушенија за своето единство. Жителите на богатата нафтена провинција Алберта гласаат дали да останат во Канада или да започне правна постапка за организирање референдум за независност. Премиерот Марк Карни предупредува дека отворањето на процесот за отцепување би предизвикало долгогодишна политичка и економска неизвесност, особено во период на трговски тензии со САД.
Гласањето на 19 октомври не претставува директна одлука за независност. Граѓаните избираат меѓу останување во канадската федерација и започнување правна процедура што би овозможила одржување втор, обврзувачки референдум за отцепување.
Според анкетите, само околу 22 проценти од жителите на Алберта ја поддржуваат независноста. Сепак, високата мобилизација на приврзаниците на отцепувањето создава неизвесност околу исходот.
Повеќе од 1,35 милиони граѓани, односно 43 проценти од лицата со право на глас, веќе гласале пред официјалниот референдумски ден. Тоа е значително повеќе од предвременото гласање на провинциските избори во 2023 година.
Карни, кој пораснал во Алберта, во изминатите денови лично учествуваше на собири за останување во Канада.
„Гласајте како иднината на Канада да зависи од тоа, затоа што навистина зависи“, порача канадскиот премиер на собир во Едмонтон.
Тој го оцени референдумот како опасен политички ризик, предупредувајќи дека дури и започнувањето на процесот за независност може да ги одврати инвестициите и да предизвика долгорочна неизвесност.
Карни го спореди можниот исход со британското напуштање на Европската Унија, потсетувајќи дека неизвесноста околу Брегзит со години влијаела врз британската економија.
Нафтата во центарот на спорот
Алберта е една од економски најзначајните канадски провинции и располага со најголемиот дел од докажаните резерви на нафта во земјата.
Токму управувањето со нафтената индустрија со децении е главен извор на несогласувања меѓу провинциските власти и федералната влада во Отава.
Приврзаниците на независноста тврдат дека федералните енергетски и климатски политики го ограничуваат производството на нафта, ги намалуваат инвестициите и ѝ нанесуваат економска штета на провинцијата.
Особено остри критики упатуваат кон политиките на поранешниот премиер Џастин Трудо, кого го обвинуваат дека со климатските ограничувања ја потиснувал нафтената индустрија.
Карни се обидува да ги намали тензиите со поддршка за нов нафтовод од Алберта кон пацифичкиот брег, кој би го олеснил извозот кон азиските пазари.
Референдум што го распиша премиерка против независноста
Необично е што гласањето го распиша конзервативната премиерка на Алберта, Даниел Смит, која и самата се противи на отцепувањето.
Смит тврди дека сака провинцијата да остане во Канада, но поддржува поголема самостојност во одлучувањето за економските и политичките прашања.
Референдумот беше распишан под притисок на сепаратистичките групи во нејзината Обединета конзервативна партија.
Доколку мнозинството го поддржи започнувањето на правната постапка, Смит најавува дека ќе постапи согласно изразената волја и ќе работи на организирање втор референдум.
Сепак, исходот од денешното гласање сам по себе не е правно обврзувачки и не може автоматски да доведе до отцепување од Канада.
На гласачките ливчиња има вкупно десет прашања. Покрај иднината на провинцијата, граѓаните одлучуваат и за предлози поврзани со имиграцијата, социјалните услуги, уставните овластувања и односите со федералните институции.
Трамп дополнително ги усложнува односите
Референдумот се одржува во време на сериозни трговски тензии меѓу Канада и САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини и во повеќе наврати зборуваше за можноста Канада да стане 51. американска сојузна држава.
Ваквите изјави предизвикаа силни реакции во канадската јавност, но и дополнителни поделби околу иднината на Алберта.
Дел од американските политички и јавни личности изразија поддршка за сепаратистичките идеи. Карни предупреди дека странските влади не треба да се мешаат во канадските изборни процеси.
Во меѓувреме, кампањата беше проследена и со ширење манипулирани содржини создадени со вештачка интелигенција, што дополнително ги зголеми стравувањата од оспорување на резултатите.
Истражувачите предупредуваат дека дел од гласачите може да го сметаат резултатот за неправеден, без оглед која страна ќе победи.
Организаторите на гласањето најавија дека прашањето за иднината на Алберта ќе се пребројува прво, а првичните резултати се очекуваат во раните утрински часови во вторник, 20 октомври, по локално време.
Иако анкетите засега даваат убедлива предност на противниците на отцепувањето, денешниот референдум покажува дека прашањето за единството на Канада повторно станува значајна политичка тема.

