Бугарија сака да ја искористи својата географска положба и членството во Европската Унија за да стане важна врска меѓу Кина и европските пазари. Ова го порача бугарскиот премиер Румен Радев на средбата со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Софија, на која беа разгледани можностите за нови инвестиции, инфраструктурни проекти и продлабочување на економската соработка.
Радев ја претстави Бугарија како потенцијална европска влезна точка за кинеските економски интереси, особено во транспортот, енергетиката и дигиталната инфраструктура. Според него, двете држави имаат можност да развијат соработка што ќе оди подалеку од традиционалната трговија и ќе се насочи кон конкретни заеднички проекти.
Меѓу секторите што ги посочи како перспективни се производството на електрични автомобили, енергетиката, земјоделството и високите технологии.
Кинескиот министер Ванг Ји изрази подготвеност за продлабочување на политичката доверба и за реализација на проекти што би донеле конкретни економски резултати за двете земји. Тој ја нагласи досегашната соработка меѓу Софија и Пекинг и интересот за нејзино понатамошно проширување.
Иако двете страни најавија поголема економска соработка, од досега објавените информации не произлегува дека на средбата биле потпишани нови инвестициски договори или преземени конкретни финансиски обврски.
Посетата на Ванг Ји во Бугарија е дел од поширока дипломатска турнеја, од 14 до 20 октомври, која ги опфаќа и Азербејџан, Црна Гора и Хрватска. Изборот на овие држави има и пошироко економско значење, бидејќи тие се поврзани со транспортните и логистичките правци преку кои Кина настојува да ја подобри трговската поврзаност со Европа.
Во фокусот е и таканаречениот Среден коридор, односно Транскаспискиот меѓународен транспортен маршрут, кој ги поврзува Кина и европските пазари преку Централна Азија, Каспиското Море и Кавказ, со продолжување кон Турција и Европа. Овој правец претставува алтернатива на традиционалните копнени транспортни рути преку Русија.
Бугарија, како членка на Европската Унија и држава на важни транспортни правци во Југоисточна Европа, настојува да се позиционира во идните инфраструктурни и инвестициски проекти поврзани со овие коридори.
За Кина, пак, соработката со земјите од регионот претставува можност за проширување на трговските и економските врски со европските пазари. Истовремено, ваквите иницијативи се развиваат во период кога Европската Унија настојува да ја намали зависноста од Кина во одредени стратешки сектори, без целосно прекинување на економската соработка.
Бугарија и Кина имаат воспоставено стратешко партнерство од 2019 година, кога Радев, тогаш во својство на претседател на државата, и кинескиот претседател Си Џинпинг усвоија заедничка декларација за унапредување на билатералните односи.
Радев потсети и дека Бугарија била меѓу првите држави што ја признале Народна Република Кина во 1949 година, нагласувајќи го историскиот континуитет на дипломатските односи.
Посетата на Ванг Ји е прва негова посета на Бугарија во својство на министер за надворешни работи по 2015 година. Во Софија тој има средба и со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова.
Најавите од Софија покажуваат дека Бугарија настојува да преземе поактивна улога во економското поврзување на Кина со Европа. Дали овие амбиции ќе се претворат во реални инвестиции ќе зависи од конкретните проекти, нивната економска оправданост и усогласеноста со европските правила.

