Франција е Франција – но Франција е и Европа

ФОТО: Liberty Leading the People before restoration

Демонстрациите во Франција избувнаа во септември поради ужасните услови во некои училишта. Набрзо прераснаа во движење низ целата земја, кое го обедини и протестот против несигурните животни перспективи на многу млади луѓе.

Пишува: Андро Ласло

Острата реакција на владата и полицијата, како и сцените на вандализам забележани на 17 октомври, директно ќе влијаат врз билансот на десетте години на Емануел Макрон на чело на Франција, во кои се зголеми доходовната нееднаквост, а владејачката елита ги отфрли решенијата што би го запреле овој тренд. Сложената политичка слика неизбежно ќе влијае врз претседателската трка во пресрет на април следната година.

Кога мирните демонстрации остануваат во сенка на сликите на насилство и вандализам, политичките лидери можат да се фокусираат на прашањата на редот и законот, наместо да се занимаваат со состојбата на јавните финансии и јавните услуги, вклучително и образованието. Кога владата се фокусира на нарушувањето на јавниот ред и ја обвинува левицата (ЛФИ) за состојбата, таа ѝ го отвора патот на крајнодесничарката Марин Ле Пен, која се претставува како личност што би можела да го врати редот, а со него и функционирањето на Франција и гордоста на Французите. Особено невкусно толкување на немирите е нивното поврзување со имиграцијата, од кое не успеа да се воздржи ниту умерено конзервативниот премиер на Унгарија.

Во заднината на сегашните политички превирања е латентната фискална криза во Франција. Иако состојбата е многу далеку од вистинска неможност за отплата на долгот, движењата на пазарите на капитал во последните месеци сигнализираат голема загриженост за буџетската одржливост на Франција. Во времето на рецесијата предизвикана од ковид-19, земјите на ЕУ заеднички одлучија дека повисокото ниво на јавен долг е помалото зло. Меѓутоа, од избувнувањето на руско-украинската војна, потенцијалот за раст на целата европска економија се намали, а долгот што претходно се сметаше за одржлив сега се приближува кон неодржливост, или барем станува тешко да се рефинансира.

Франција нема остварено буџетски суфицит повеќе од 50 години, а во последните децении земјата неколкупати ги прекрши фискалните правила на ЕУ. За разлика од другите земји, Франција не беше принудена на строги корекции во рамките на постапките на ЕУ за прекумерен дефицит „затоа што е Франција“ (Жан-Клод Јункер). Затоа, за површниот набљудувач, едноставно станува збор за финансиска недисциплина и недоследно спроведување на правилата, чии негативни последици се чувствуваат денес. Од друга страна, меѓу големите земји на еврозоната, токму Франција ѝ посветуваше внимание на агрегатната побарувачка во единствениот пазар, а не само на трошочната конкурентност, што беше помудро од германскиот ордолиберализам.

Последните француски влади преземаа поголем фискален ризик од другите во Европа, но без тоа економскиот раст во ЕУ ќе беше уште послаб. И, за жал, ЕУ во моментов не е фокусирана на коригирање на економското управување и насочување кон урамнотежен и одржлив економски раст. Како што видовме на 15–16 октомври, Европскиот совет е заглавен во калта на дерегулаторната агенда. Новата повеќегодишна финансиска рамка (седумгодишниот буџетски план на ЕУ) и натаму се движи кон намалување на средствата за Заедничката земјоделска политика и Политиката на кохезија, што за Франција би значело нето-загуби, под претпоставка дека најсиромашните региони во ЕУ и натаму би биле заштитени при намалувањето на кохезискиот буџет.

Со последните случувања, Франција се приклучи на групата земји во кои младите станаа политички ангажирани и се активираа, вклучувајќи се во протести против економската несигурност и неуспехот на власта. Меѓутоа, природата на младинскиот активизам не е иста во различни земји и региони. Во земјите со повисоки приходи, како Франција, Шпанија и Италија, особено влошувањето на животните перспективи, вклучително и станбената криза, ги изведува револтираните млади на улиците. На периферијата, пак, како во Србија или Албанија, драстичните примери на корупција и злоупотреба на државната моќ ги задржуваат младите на улиците подолго време, со можни сериозни политички последици.

Иако низ светот постојат различни движења и демонстрации на генерацијата З, француска специфичност е недостигот од меѓугенерациска праведност, како и големите тешкотии во усогласувањето на социјалното осигурување со демографските трендови и движењата на пазарот на трудот. Дискусиите за пензиите, возраста за пензионирање и коефициентот на зависност, а уште повеќе спроведувањето на соодветните реформи, се особено тешки во Франција. Велат дека отворањето на вакви прашања во Франција е политичко самоубиство. Но, очигледно, и незанимавањето со меѓугенерациската праведност носи свои ризици.

Ласло Андор е унгарски економист, поранешен еврокомесар за вработување, социјални прашања и инклузија во Европската комисија од 2010 до 2014 година, а денес е генерален секретар на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS).

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?