Собранието ги усвои измените на Законот за јавните набавки, со кои се поскапува жалбената постапка, а фирмите сами ќе ги плаќаат адвокатските трошоци и кога успешно ќе оспорат незаконска тендерска одлука. Законот помина со 59 гласа „за“, без против и воздржани, пренесе Дина, и покрај предупредувањата од адвокатската фела дека решението ја ослабува контролата врз трошењето јавни пари.
Спорната одредба се однесува на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки. Кога жалбата ќе биде целосно усвоена, договорниот орган ќе ги надомести административната такса и надоместокот за водење на постапката. Но, адвокатот ќе остане трошок на фирмата, иако таа докажала дека имало незаконско постапување и токму поради тоа морала да бара правна заштита.
Рацин.мк претходно разговараше со членови на Управниот одбор на Адвокатската комора и со адвокати кои предупредија дека ваквото префрлање на трошоците ќе ги обесхрабри фирмите да се жалат. Нивната загриженост е дека помалку оспорени тендери значи и помала можност неправилностите да се запрат пред склучувањето на договорите. Според нив, така се отвора поголем простор за корупција, чија штета може многукратно да ги надмине заштедените адвокатски трошоци.
Дополнително, надоместоците за водење жалбена постапка се зголемуваат од досегашните 50 до 200 евра на 150 до 600 евра, зависно од постапката. Владата го образложи зголемувањето со намалување на неоснованите жалби и поголема ефикасност. Адвокатската комора, пак, писмено побара преиспитување на решението и предупреди дека тоа може да предизвика дополнителни судски спорови и нови трошоци.
На ризикот од поскапата правна заштита претходно укажа и Центарот за граѓански комуникации. Организацијата предупреди дека особено помалите фирми може да се откажуваат од жалби и побара јавни консултации и антикорупциска проверка на предложените измени. Владата го претстави пакетот како дел од Реформската агенда, со цел поефикасни набавки и поголема примена на односот меѓу цената и квалитетот.

