Македонското известување за ниската излезеност на бугарските претседателски избори предизвика критички реакции во дел од бугарските портали. „Новини.бг“ во прегледот на водечките вести го употреби насловот „Македонците ни се потсмеваат за ниската излезеност“, додека други изданија го забележуваат големото внимание што во Македонија го доби победата на студентската листа во Србија.
„Факти.бг“, пренесувајќи преглед на БТА, пишува дека српските избори се водечка тема во македонските медиуми. Изданието наведува наслови за крајот на владеењето на СНС, прославите на студентската победа и можните последици од поразот на Александар Вучиќ.
За бугарските избори, пак, „Новини.бг“ и „24 часа“ забележуваат дека се присутни во македонските медиуми, иако не се меѓу водечките теми. Ги издвојуваат критичките наслови за слабата излезеност и малиот број гласови во Македонија.
Двата портала ја пренесуваат и анализата на Рацин.мк за тоа дали победата на Илијана Јотова или Андреј Ѓуров би донела промена во односите со Софија.
Порталот „Дебати.бг“ оди подалеку во толкувањето на македонскиот интерес за Србија. Во коментар ја нарекува Македонија „српски политички сателит“ и оценува дека поразот на Вучиќ ги доведува во прашање политичките врски и влијанието што Белград ги градел во Скопје. Честитките од македонските функционери ги толкува како приспособување кон новата политичка состојба.
Сепак, оценките во бугарските портали не се едногласни. „Топ Преса“, спротивно на тезата за незаинтересираност, ги претставува македонските медиуми како силно преокупирани со бугарскиот вот и позициите на Јотова. Во објавите има забелешки и остри квалификации, но и конкретни примери дека Македонија ги следи изборите кај двата соседа.

