Ѓуров или Јотова, може ли Македонија да добие помалку тврд претседател во Софија?

Фото: Антон Чалъков

Претседателските избори во Бугарија отвораат важна дилема и за Македонија. Дали евентуалната победа на Андреј Ѓуров би донела промена во односите меѓу Скопје и Софија? Иако Ѓуров има поинаков политички профил од Илијана Јотова, неговите досегашни изјави покажуваат дека разликата меѓу двајцата во однос на уставните измени, како клучен услов за продолжување на македонските евроинтеграции, е мала.

Првиот круг од претседателските избори во Бугарија покажа дека Илијана Јотова има предност пред Андреј Ѓуров, но разликата е значително помала од онаа што ја предвидуваа дел од предизборните истражувања. Нивното соочување во вториот круг на 1 ноември може да влијае и врз идната политичка комуникација меѓу Софија и Скопје.

Јотова со години е меѓу најгласните застапници на бугарските позиции кон Македонија. Нејзините настапи редовно ги опфаќаат правата на граѓаните со бугарска самосвест, историските спорови и обврските што Софија смета дека Македонија треба да ги исполни пред да напредува во европските интеграции.

Ѓуров доаѓа од поинаква политичка средина. Како претставник на реформскиот и проевропски блок, тој ја нагласува европската перспектива на регионот и потребата од институционален дијалог. Но, тоа не значи дека е подготвен да ги ревидира бугарските барања.

Интересно е што двајцата денешни противкандидати веќе имаат историја на институционална соработка. Во февруари годинава, токму Илијана Јотова му го довери на Андреј Ѓуров мандатот за составување службена влада. Тогаш таа оцени дека Ѓуров може да формира политички непристрасен кабинет и да обезбеди услови за спроведување фер избори. Осум месеци подоцна, двајцата се соочуваат во трката за претседателската функција.

Во интервју за „Дојче веле“, објавено во октомври, Ѓуров директно одговори на прашањето дали треба да се промени политиката на Бугарија кон Македонија.

Тој посочи дека Македонија треба да стане полноправна членка на Европската Унија откако ќе ги исполни условите предвидени со францускиот предлог, вклучително и внесувањето на Бугарите во Уставот. Според Ѓуров, таквиот пристап треба да остане бугарска политика и во наредните години.

Со ова, Ѓуров јасно покажува дека од него не може да се очекува откажување од условот за уставни измени.

Сепак, разлика може да постои во начинот на кој идниот бугарски претседател ќе ги третира останатите отворени теми.

Јотова постојано ги истакнува историските и идентитетските спорови. Кај Ѓуров, барем во неговите досегашни јавни настапи, поголем акцент се става на европската преговарачка рамка и на обврските што произлегуваат од неа.

Тоа остава простор за попрагматична дипломатска комуникација, но не претставува гаранција дека Ѓуров би бил подготвен на политички компромис.

Дополнително, бугарската позиција не зависи само од претседателот. Таа е поддржана од поширок институционален и политички консензус, а претседателот нема овластување самостојно да ја менува европската преговарачка рамка.

За Македонија, суштинската разлика би била дали идниот бугарски претседател ќе се залага за ограничување на барањата на веќе договорените европски услови или ќе поддржува и дополнителни билатерални условувања.

Преместувањето на политичкиот дијалог од историските конфронтации кон исполнувањето на конкретните европски обврски би можело да создаде поповолна атмосфера во односите меѓу двете земји.

Но, засега, досегашните позиции на двајцата кандидати упатуваат на заклучок дека Македонија може да добие поинаков соговорник во Софија, но не нужно и поинаква бугарска политика.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?