Европа бара излез од зависноста од Маск, Старлинк под притисок на пет фронта

„Старшип“

Европската Унија ги засилува напорите да ја ограничи доминацијата на Старлинк на Илон Маск, преку поддршка за конкуренти, сопствени сателити и построги правила за пристап до пазарот. Политико издвојува пет фронта на оваа битка, зад која стои загриженоста кој ќе ги контролира комуникациите од кои зависат граѓаните, институциите и одбраната.

Еден од главните потези е поддршката за обединување на вселенските бизниси на „Ербас“, „Леонардо“ и „Талес“. Проектот, познат под работното име „Бромо“, треба да создаде посилен европски конкурент со производство на сателити, копнени системи и услуги. Компаниите очекуваат новото претпријатие да почне со работа во 2027 година, доколку ги добие потребните одобренија.

Втората битка е за фреквенциите што овозможуваат сателитите директно да се поврзуваат со мобилни телефони. Предлогот на Европската комисија предвидува дел од спектарот да биде резервиран за оператори под европска сопственост или контрола. Друг дел би останал достапен и за странски компании, со безбедносни услови. СпејсЕкс предупредува дека ваквиот пристап може да го ограничи изборот на услуги за Европејците.

Третиот потег е изградбата на европската сателитска мрежа ИРИС², наменета за безбедни државни комуникации и комерцијални услуги. „Ербас“ во септември објави дека почнува развојот на првиот слој од најмалку 66 сателити во ниска орбита, со планирана испорака во 2029 година.

Украина е четвртиот фронт. Според Политико, ограничувањата на сателитските врски го засилиле притисокот Киев да добие пристап до европскиот ГОВСАТКОМ. Системот работи од јануари и обединува постојни сателитски капацитети за безбедни државни комуникации. Тој може да понуди резервна врска, но засега не ги заменува сите можности на Старлинк.

Петтиот фронт се прописите. Предложениот европски закон за вселенски активности предвидува обврски за сајбербезбедност, намалување на вселенскиот отпад и оценување на влијанието врз животната средина. Правилата би важеле и за странските оператори што нудат услуги во ЕУ. Додека траат преговорите, европските алтернативи остануваат во различни фази на развој, а зависноста од Старлинк продолжува.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?