Државниот совет бара општините да формираат тела за спречување детско престапништво

Голем број општини не ја исполнуваат законската обврска за формирање совети за превенција на детско престапништво, констатира Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца во извештајот за 2025 година.

Според извештајот, во некои општини локалните совети воопшто не се формирани, а во други постојат, но не работат. Само мал дел функционираат и ги реализираат предвидените активности.

Претседателката на Државниот совет, Гордана Лажетиќ, при презентацијата на извештајот истакна дека локалните тела треба да овозможат континуирана и организирана превенција.

„За нивното функционирање неопходни се финансиски средства, годишни програми за работа и активна вклученост на локалните институции“, рече Лажетиќ.

Во извештајот се посочува дека недостигот од пари во општинските буџети е една од главните пречки за спроведување на активностите. Советот препорачува градоначалниците, општинските совети и Градот Скопје да ги формираат локалните тела, да подготвуваат годишни програми и да обезбедат поддршка за нивната работа.

Меѓу препораките се и измени на Законот за локалната самоуправа, со кои појасно би се определиле одговорностите на градоначалниците и советите на општините.

Државниот совет укажува и дека во текот на 2025 година дел од судовите не доставиле податоци за следење на примената на Законот за правда за децата или доставиле несоодветни информации. Оттаму бараат подобра институционална соработка и навремени податоци за следење на состојбите.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?