Николова обвинува дека власта ги крати парите за училиштата и домовите

Даниела Николова ја обвини власта дека со вториот ребаланс ги намалува средствата за образовната инфраструктура, додека јавно ветува подобри услови за учениците и студентите. Според пратеничката од СДСМ, програмата „Инвестиции во образованието“ се намалува за 31 процент, а особено големи кратења има кај реконструкцијата на основните и средните училишта.

Николова наведе дека вкупниот буџет на Министерството за образование и наука се намалува за 185 милиони денари во однос на последниот одобрен буџет. Во рамките на програмата за образовни инвестиции, според нејзиното излагање, се кратат 374 милиони денари, со што планираните средства се сведуваат на 824 милиони денари.

За изградба на спортски сали во основните училишта, како што посочи, наместо 185 милиони денари се предвидуваат 35 милиони. Таа оцени дека ваквото намалување директно ги засега вложувањата што треба да обезбедат подобри услови за физичко образование и спорт на децата.

Уште поголеми процентуални намалувања, според Николова, има кај обновувањето на училишните објекти. За реконструкција на основните училишта наведе 58,3 проценти помалку средства во споредба со предвиденото во Буџетот за 2026 година, а за средните училишта намалување од 60,4 проценти.

„Ако сакаме децата да имаат подобри услови за учење и спорт, тогаш мора да инвестираме во училиштата“, порача Николова, критикувајќи ја практиката инвестициите прво да се најавуваат, а потоа да се намалуваат средствата за нивна реализација.

Таа предупреди и на намалувањето на програмата за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови. Според неа, грижата за студентскиот стандард мора да биде видлива во распределбата на буџетските средства.

„Не е доволно на прес-конференции да се кажува дека студентскиот стандард е важен. Тоа треба да го видиме и во буџетот“, рече Николова.

Како пример за потребата од поголема контрола ја посочи состојбата во студентскиот дом „Стив Наумов“. Потсети дека домот бил претставен како хотел од А-категорија, а по отворањето, како што наведе, во јавноста се појавиле пријави за влага, протекување вода и проблеми со греењето.

Николова побара одговор кој го извршил техничкиот прием, дали биле утврдени недостатоци и кој ќе понесе одговорност за пријавените проблеми. Таа ја поврза состојбата со поширокото прашање за задржувањето на младите во земјата, оценувајќи дека квалитетното образование и соодветното студентско сместување не смеат да се одложуваат.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?