Новак Ѓоковиќ, по убедливата победа на Студентската листа на српските избори, за прв пат коментираше за политичката ситуација. Тенисерот е под голем притисок во последните години поради поддршката за студентите, а својот став не го искажа преку социјалните мрежи, туку во Базел, каде што се подготвува за турнирот. Во ексклузивно интервју за Телеграф, тој го објасни својот став за резултатите.
„Се изјаснив неколку пати во последните неколку години. Мојата поддршка за нив отсекогаш беше недвосмислена и мислам дека повеќето луѓе кои ја следат ситуацијата знаат каков е мојот став. Би се држел до тоа. Навистина сум благодарен што уживам посебен статус во нашето општество и за мене е голема чест што со години имам толку голема поддршка од луѓето.
Од друга страна, понекогаш се чини како да се очекува само од мене да реагирам. Но, не би се задржувал премногу на тоа. Само сакам да нагласам дека сум исклучително горд на младите луѓе, студентите, нивната упорност, борба и вера што ја покажаа во последните години“, рече Ѓоковиќ.
„Тие успеаја да разбудат надеж и гордост“
Кога беше прашан за атмосферата на прослава по објавувањето на резултатите, Ѓоковиќ ја истакна важноста на достигнувањата на студентите. „Притисокот беше неверојатен, само тие знаат колку труд, сила и волја беа потребни за да се постигне оваа цел. Им честитам на победата. Им се восхитувам; успеаја да го скршат култот на личноста на еден човек, да го колективизираат целиот процес и да разбудат надеж и гордост кај луѓето.
Имам речиси 40 години, се сеќавам на некои времиња, на некои не, но не се сеќавам дека некогаш имало толку возбуда околу гласањето, дека толку многу луѓе излегоа да ја покажат својата поддршка. Им честитам и им посакувам на сите луѓе во Србија се најдобро во иднина. Мислам дека сега има многу позитивна атмосфера и се надевам дека ќе ја одржиме“, додаде тој, потврдувајќи дека е многу задоволен од исходот од изборите:
„Многу сум задоволен. Голема почит за студентите и младите луѓе кои се бореа и покажаа силен отпор на притисокот. Навистина, начинот на кој се спротивставија ја врати гордоста кај сите луѓе, а не само во Србија. Победата е постигната и сега има надеж во нашата земја дека работите ќе се подобрат и дека нè очекува подобра иднина.“
Ѓоковиќ не сакаше да открие каде бил кога беа објавени резултатите. „Не би зборувал за тоа. Моментално сум вклучен во спортот и работите поврзани со спортот, па затоа не би навлегувал во детали. Би рекол само дека сум задоволен од овој исход, дека отсекогаш сум се залагал за него и дека им посакувам се најдобро. Тоа е тоа“, рече кратко.

