Објавена е снимка од падот на хеликоптерот на ЕУФОР во Горице кај Брчко, Босна и Херцеговина, во кој денес загинаа три лица, а 12 беа повредени. Билансот го потврди градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ. Едно од повредените лица е во критична состојба.
Снимката што се споделува на социјалните мрежи ги прикажува последните моменти пред падот. Според сведоштвата на очевидци, леталото почнало да се врти во воздухот пред да удри во земјата. Причината за несреќата засега не е утврдена.
ЕУФОР потврди дека несреќата се случила за време на рутинска операција на подрачјето на Брчко. Мисијата соопшти дека спроведува детална истрага и дека дополнителни информации ќе објави по проверката на фактите. Во падот нема повредени цивили, ниту оштетување на цивилна инфраструктура, имот или возила.
Повредените се пренесени во Здравствениот центар во Брчко, каде што се ангажирани дополнителни медицински екипи. Според портпаролот на установата, Салих Ибрахимбеговиќ, едно лице е во многу критична состојба и е подложено на операција. Смртта на тројцата загинати била констатирана на местото на несреќата.
На терен интервенирале полицајци, пожарникари и екипи на итната медицинска помош, а поширокото подрачје е обезбедено. ЕУФОР ги повика граѓаните да не шират непроверени информации и да се воздржат од шпекулации за идентитетот на загинатите и повредените припадници на мисијата.

