Студенти, млади и граѓани повторно се собраа пред зградата на Советот на министри во Тирана, по 17-ти ден по ред протести против владата и политичката класа во Албанија, објави „Албенијан пост“.
Демонстрациите минуваат без тензии, бидејќи универзитетски професори и претставници на граѓанското општество им се придружуваат на демонстрантите.
Протестот започна во близина на зградата на албанскиот парламент, каде што полицијата постави метални огради за да го ограничи периметарот за безбедност. После тоа, учесниците се упатија кон Министерството за образование на улицата „Дур“, пред повторно да се соберат пред зградата на владата. За време на демонстрациите немаше регистрирани пријави за насилство.
Повеќе од две недели, студентите и граѓаните организираа континуирани протести барајќи оставка од премиерот Еди Рама. За разлика од овие демонстрации, некои од претходните протести беа придружени со судири со полицијата и насилство.
Рама ги повика студентите на дијалог многу пати, но демонстрантите ја отфрлија неговата покана, инсистирајќи на негово отстранување од власт.
Досега двете страни не постигнаа договор за започнување разговори, а демонстрациите продолжуваат веќе 17-ти ден по ред.

