СДСМ ја обвини Левица дека со учеството на партиска делегација на форум на БРИКС во Москва и со средбите со претставници на руски организации ја потврдува својата проруска политичка ориентација.
Според соопштението на СДСМ, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, заедно со Реџеп Исмаил-Хактан и Александар Симонов, учествувал на форум на БРИКС во Москва, каде што имал средби со претставници на Евроазиската економска унија и на Руската унија на производители.
СДСМ се повикува и на соопштението на Левица, во кое се наведува дека Македонија има интерес да ги проширува дипломатските и економските хоризонти кон новите глобални центри.
Опозициската партија оценува дека настапот на Левица во Москва е во согласност со нејзините позиции против членството на Македонија во НАТО и нејзините критики кон Европската Унија. СДСМ ја обвинува Левица дека со ваквите активности се залага за политичка ориентација спротивна на евроатлантскиот пат на земјата.
Во реакцијата, СДСМ ја споменува и средбата на Апасиев со лидерот на Комунистичката партија на Руската Федерација, Генадиј Зјуганов, за кого наведува дека се наоѓа на американската црна листа.
СДСМ упатува критики и на домашната политика на Левица, обвинувајќи ја партијата дека не ги поддржала барањата за минимална плата од 600 евра. Во соопштението се наведува и дека Левица соработува со политичкиот концепт што СДСМ го нарекува „ЗНАМ 2.0“ на премиерот Христијан Мицкоски.
„БРИКС не е иднина на Македонија. Иднината е ЕУ, закон за сите и независно европско обвинителство и Лаура Ковеши“, наведува СДСМ во реакцијата.
Од партијата оценуваат дека приближувањето кон Москва би можело да ја оддалечи Македонија од европските интеграции и да ја изложи на ризик од политичка и економска изолација.

