Криптограбеж тежок 6,3 милијарди долари, траги водат кон Северна Кореја

ВИ генерирана фотографија

Хакери извлекле криптовалути вредни околу 6,3 милијарди долари од Binance, најголемата светска берза за криптовалути, во напад што би можел да стане најголемиот криптограбеж во историјата. Најголемиот дел од средствата биле префрлени за само 20 минути, а американската компанија за блокчејн-анализа TRM Labs тврди дека зад нападот стои севернокорејска хакерска група.

Нападот се случил на 29 октомври, кога од дигиталните паричници на Binance започнале да се префрлаат огромни количества криптовалути на адреси контролирани од напаѓачите. Според анализата на TRM Labs, вкупната вредност на префрлените средства изнесува приближно 6,36 милијарди долари, распоредени на десет различни блокчејн-мрежи.

Меѓу украдените средства се 18.270 биткоини, вредни околу 1,47 милијарди долари, повеќе од 200.000 единици Ethereum, како и големи количества USDT, USDC, XRP, Solana и други криптовалути.

Размерите на нападот се без преседан. Доколку проценките се потврдат, кражбата ќе биде околу четирипати поголема од хакерскиот напад врз криптоберзата Bybit во февруари 2025 година, кога беа украдени околу 1,5 милијарди долари.

Трагите водат кон Северна Кореја

Американската компанија TRM Labs со висок степен на сигурност го поврзува нападот со групата TraderTraitor, која се смета за дел од севернокорејските хакерски структури.

Истата група претходно беше поврзана со нападот врз Bybit, а американското Федерално истражно биро (ФБИ) ја идентификуваше како одговорна за таа кражба.

Истражителите наведуваат дека нападот врз Binance бил внимателно подготвуван најмалку 36 часа однапред. Напаѓачите тестирале делови од кодот пред да започнат со масовното извлекување средства.

Сепак, поврзаноста со Северна Кореја засега се темели на анализите на специјализирани компании, а не на конечни резултати од официјална истрага.

Еден компромитиран лаптоп можеби го отворил патот

Според првичните информации од Binance, нападот можеби започнал преку компромитиран лаптоп на инженер задолжен за развој и одржување на системите.

На тој начин напаѓачите можеле да добијат пристап до дел од инфраструктурата и да иницираат неовластени трансакции.

Компанијата соопшти дека засега нема докази за директно компромитирање на приватните клучеви на дигиталните паричници.

Анализата на TRM Labs, пак, укажува на можен пробив во системот што ги авторизира трансакциите, со што напаѓачите успеале да префрлаат средства од повеќе блокчејн-мрежи речиси истовремено.

Точниот механизам на нападот сè уште се истражува.

Замрзнати околу три милијарди долари

По откривањето на нападот, Binance привремено ги суспендираше депозитите и повлекувањата додека се спроведуваат безбедносни проверки.

Во соработка со компании од криптоиндустријата и надлежните органи, досега се замрзнати средства во вредност од околу три милијарди долари.

Во акцијата учествувале и компаниите Tether и Circle, кои блокирале големи количества дигитални валути поврзани со нападот.

Binance соопшти дека средствата на корисниците се безбедни и дека ќе ги покрие загубите предизвикани од хакерскиот напад преку својот заштитен фонд и сопствени финансиски средства.

Биткоинот падна, криптопазарот под притисок

Веста за нападот предизвика пад на криптопазарот. Биткоинот изгуби повеќе од три проценти од вредноста и се спушти на најниско ниво во последните шест недели, додека Ethereum забележа пад на најниско ниво во последните два месеца.

Инцидентот повторно го отвори прашањето за безбедноста на централизираните криптоберзи, кои управуваат со дигитални средства вредни милијарди долари.

Истрагата продолжува, а клучните прашања остануваат како напаѓачите успеале да добијат пристап до системите на Binance и колкав дел од префрлените средства ќе може да биде вратен.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?