Римац: Европа не може да се натпреварува со Кина

Фото: Rimac (102)

Европската автомобилска индустрија мора итно да пронајде сопствена пазарна ниша бидејќи нема шанси во директен судир со кинеските производители, предупреди основачот и извршен директор на Бугати Римац, Мате Римац.

Кинеските компании многу побрзо развиваат технологија, нудат понапредни решенија за батерии и имаат значително пониски производствени трошоци, посочи хрватскиот претприемач во интервју за германските медиуми. Според него, директната конкуренција на европските фабрики со Кина е однапред изгубена битка.

Европа мора да најде своја нишка, изјави Римац, споредувајќи ја ситуацијата со пазарот на часовници, каде што традиционален бренд како Ролекс не се натпреварува со производители на масовна електронска технологија како Епл, но сепак остварува висок профит. Тој оцени дека европските брендови тешко можат да останат конкурентни во сегментот на мали и евтини автомобили.

Осврнувајќи се на сопственото искуство со моделот Невера, Римац откри дека целосно електричниот погон повеќе не е привлечен за купувачите на суперлуксузни возила. Иако Невера беше револуционерна со своите две илјади коњски сили, пазарот на скапи автомобили брзо се засити од електрични модели, поради што новиот Бугати Турбијон беше развиен како плаг-ин хибрид со шеснаесетцилиндричен бензински мотор. Од комерцијален аспект, целосно електричен автомобил во тој сегмент денес би бил погрешна одлука, посочува Римац.

Групацијата што ја предводи денес е поделена на четири независни компании: Бугати Римац за суперспортски автомобили, Римац Технолоџи за батериски и погонски системи, Римац Енерџи за системи за складирање енергија и Верне за развој на роботакси возила.

Римац Технолоџи во моментов развива решенија за големи светски производители како БМВ и Порше и има договорени зделки во вредност од пет милијарди евра. Римац Енерџи веќе има склучено договори со енергетски компании во вредност поголема од една милијарда евра, додека Верне подготвува комерцијална роботакси услуга во соработка со Убер.

Според Римац, вистинската пресвртница во автоиндустријата допрва следува со автономното возење и роботакси возилата, технологија за која смета дека ќе донесе многу подлабоки промени од самата електрификација.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?