Десет милиони евра под вода: „Стив Наумов“ повторно прокисна (ВИДЕО)

Вода што тече од плафонот, поплавена студентска соба и радијатори што произведуваат силна бучава, ова е состојбата што ја прикажуваат најновите видеа од студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, само еден месец по неговото повторно отворање по реконструкцијата вредна околу 10 милиони евра.

Студентската платформа „Студентарија“ објави нови видеоснимки доставени од студенти сместени во домот. На нив се гледа протекување вода од плафонот, додека од системот за греење се слуша силна бучава.

Ова не се првите поплаки за условите во неодамна реконструираниот објект. Уште минатата недела студенти пријавија влага на ѕидовите, протекување вода, проблеми со греењето и недостиг од топла вода.

На 28 октомври беше пријавен и пожар на бојлер во старите бараки на студентскиот дом. Според информациите од полицијата, немало повредени, а пожарот бил изгаснат со противпожарен апарат.

Реконструкцијата на „Стив Наумов“ започна во јули 2024 година со поддршка од Европската Унија. Објектот беше повторно отворен во септември 2026 година, а обновата требаше да обезбеди современи услови за сместување, подобрена енергетска ефикасност и обновени инсталации.

Министерството за образование и наука претходно соопшти дека објектот е под гаранција и дека евентуалните недостатоци ќе бидат отстранети од изведувачот. Од Министерството посочија и на случаи на несовесно користење на опремата од страна на станарите, меѓу кои оштетен радијатор и затната канализација.

Сепак, најновите снимки повторно го отвораат прашањето за квалитетот на изведената реконструкција и за тоа дали пријавените дефекти се целосно отстранети.

Засега нема ново официјално објаснување од надлежните за причините за протекувањето вода прикажано на последните видеоснимки.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?