Во 1996 година британскиот алпинист Кентон Кул доживеал тешка несреќа при искачување. Ги скршил двете петни коски, а прогнозите биле толку лоши што лекарите му рекле дека можеби никогаш повеќе нема да може да оди без помош. Три децении подоцна, истиот човек има 20 успешни искачувања на највисокиот врв во светот.
Во личната исповед за „Гардијан“, Кул раскажува за животот поминат меѓу планините, тешките повреди и борбата да продолжи со спортот што го сака.
Неговата страст за алпинизмот започнала уште на 17 години. Подоцна студирал геологија на Универзитетот во Лидс, ги истражувал Алпите и учествувал во експедиции во Пакистан.
Но, по падот во 1996 година, иднината на неговата спортска кариера изгледала неизвесна.
По повеќе операции повторно се вратил на планините
Следувале операции, долга рехабилитација и напорен процес на закрепнување.
Наместо да се откаже од алпинизмот, Кул постепено се вратил на искачувањата. Во 2003 година учествувал во успешна експедиција на Анапурна III, што му ја отворило вратата за професионално водење планинарски експедиции.
Набрзо потоа започнала неговата приказна со Еверест.
Со текот на годините воспоставил сопствена компанија за алпинистички експедиции, во која клиентите подготвува со години пред да се обидат да го освојат највисокиот врв.
Дваесеттиот пат на врвот во мај 2026 година
Во мај годинава Кул го остварил своето дваесетто успешно искачување на Еверест, поставувајќи нов личен рекорд.
Уште во 2022 година го освоил рекордот за најголем број искачувања на Еверест меѓу алпинистите што не припаѓаат на шерпската заедница.
Но, зад овие бројки стојат и искуства што ретко се гледаат на фотографиите од врвот.
Кул раскажува за опасни ситуации, проблеми со кислородната опрема и средби со смртта на планината. Некои од луѓето што ги сретнал на експедициите не успеале да се вратат живи.
Затоа, неговиот однос кон алпинизмот не се сведува само на соборување рекорди.
За него особено значење имаат односите со локалните заедници и шерпаските водичи, без чија работа многу експедиции не би биле возможни.
Приказната на Кентон Кул не е само сведоштво за спортски успех, туку и за човек кој по тешка повреда повторно изградил живот околу својата најголема страст.
Пред триесет години неговата иднина на планините била под голем знак прашалник. Во 2026 година тој повторно стоел на покривот на светот.

