Хасановиќ: Прво мислев дека прагот на трпението е Кочани, а потоа дојде Гостивар, но очигледно не е

Хасановиќ

Емир Хасановиќ, политички аналитичар за безбедносни прашања и стратегиски комуникации, во интервју за Рацин.мк за генерацијата Зет, вели дека денес младите работат повеќе, а живеат полошо од своите родители и дека проблемот не е демократијата, туку партиите што не се менуваат

Затоа, вели Хасановиќ, кога системот ги затвора вратите за нови идеи, незадоволството излегува на улица затоа што граѓаните бараат институции што ќе одговараат за своите постапки.

„Зошто мене некој да ми каже кој да ми биде пратеник, а јас да не го видам тој човек четири години во мандатот или пак дури и во кампањата да е тогаш анонимус. Како тоа? На кој начин е тој пратеник? Значи, не е демократијата во криза. Демократијата сега е во едно созревање, тотално во чекор со своето време, а тоа што традиционалните партии, политичките концепти на кои што сме навикнати, се тотално неспособни да го следат, не се спремни да се прилагодат, тоа е нивни проблем“, вели во интервјуто за Рацин.мк Емир Хасановиќ.

Нашиот соговорник вели дека новата генерација, израсната со интернет и социјалните мрежи, „со три споделувања и една група го забрзува политичкиот отпор и дека движењата без класичен лидер ги ставаат старите политички структури пред нов предизвик.

Но, истакнува Хасановиќ, не е доволно да се смени власта – системот мора да стане отпорен на злоупотреби.

Тој вели дека е неодржлив системот којшто има повеќе пензионери отколку вработени и дека не може на вересија да се исплаќаат плати и пензии.

За Хасановиќ Европа не е адреса на која се оди, туку стандарди што се градат дома.

„Не влегување. Никој не влегува во Европа, не постои тоа. Не влегуваме, нема да се транспонтираме ние во Берлин. Тоа е една една катастрофална политичка формулација на една генерација на политичари која што толку потфрлила и толку го предала својот народ.

Од аспект на ментален склоп, ние од тоа треба се лечиме. Никој нема да влезе никаде. Ние не влегуваме никаде. Ние носиме нешто тука и тоа е проблемот на перцепција и призмата низ која што треба се гледаат работите. Значи, ако сакаш да бидеш дел од Европската унија, ти кога ќе влезеш во твојата институција, таа треба да личи на Европска унија“, укажува Хасановиќ.

На апатијата и неизлезноста на изборите во Македонија, Хасановиќ гледа како на пораки до политичарите, а за трпението на граѓаните вели дека се чека прагот на гневот, и дека Кочани и Гостивар се блиску до тој праг.

„Едноставно треба да имаш еден праг на достоинство и да кажеш ‘ова вака не може’. Значи не е прашање на твојата партија, на твојот глас, значи не може вака, тоа не може вака. И сега јас не знам каде е тој праг. Јас мислев дека е Кочани, ама очигледно не е. Јас мислев дека е Гостивар, ама очигледно не е. Некаде е, некаде е, ама не знам каде“, истакнува Емир Хасановиќ, политички аналитичар за безбедносни прашања и стратегиски комуникации, во интервјуто на Рацин.мк.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?