Можат ли 18 отсто да го предизвикаат статус-квото? Резултати од анкетата на Рацин.мк за студентскиот „земјотрес“

Дали промените што ги иницираа младите во Србија можат да бидат искра и за македонската политичка сцена? Според најголемиот дел од читателите на Рацин.мк, апатијата е сè уште доминантна, но простор за промени постои.


Во неделната анкета на Рацин.мк, на прашањето дали студентскиот „земјотрес“ кај соседот ќе има одглас и во Македонија, најголем дел од гласачите (42 отсто или 949 гласа од вкупно 2.258) избраа опција која рефлектира длабока скепса: „Никаков ефект – нашите млади веќе се спремаат да се иселат“.

Овој податок, сепак, не треба да се чита како готов факт дека 42 отсто од младите си заминуваат. Анкетата е онлајн анкета меѓу читателите, не ги мери директните намери за иселување, ниту возраста на учесниците. Но јасно го покажува стравот – заминувањето е првата асоцијација на мнозинството кога ќе се спомене политичката иднина на младите дома.

На второ место, со 518 гласа (23 отсто), е очекувањето дека домашните партии брзо ќе реагираат со „партиска козметика“. Овие граѓани веруваат дека партиите ќе се обидат да го скротат потенцијалниот бран создавајќи сопствени „студентски крила“, задржувајќи ги центрите на одлучување кај старите играчи. Ова покажува дека јавноста ја препознава и очекува политичката манипулација.

Но, токму тука лежи и политичкиот простор. Вкупно 35 отсто од анкетираните веруваат дека случувањата во Србија веќе имаат некаков, макар и скриен ефект дома.

Од нив, 18 отсто (398 гласа) отворено препознаваат можност и веруваат дека студентскиот бунт „Ќе ги охрабри младите“. Тие веруваат во пораката дека „политиката не е резервирана само за ‘старите играчи’“ и дека регионалниот пример може да поттикне вистинско учество. Дополнителни 17 отсто (393 гласа) сметаат дека власта веќе е во „паника“ и дека политичарите ќе нудат бенефиции за да пресретнат евентуален револт – што само по себе е признание за потенцијалната моќ на младите да предизвикаат страв кај естаблишментот.

Резултатите се јасни: довербата во лесен, инстант политички пресврт е ниска, но не и непостоечка. Вистинското прашање за домашните партии повеќе не е дали младите ќе се разбудат, туку колку простор навистина ќе им отстапат за да одлучуваат пред разочарувањето да премине во конечен куфер. А прашањето за тие 18 отсто кои веруваат во промени е – можат ли тие да станат јадрото кое ќе го предизвика статус-квото?

За оваа недела Рацин.мк ве прашува:

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?