Почина Самка Ибраимовски, претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите, поранешен пратеник и министер без ресор. Имаше 72 години.
Веста ја објави „Рома прес“, повикувајќи се на прошталната порака посветена на долгогодишниот политички претставник на ромската заедница.
„Денес нè напушти човек кој остави свој белег во политиката“, се наведува во објавата.
Ибраимовски е роден на 27 септември 1954 година во Тетово. Дипломирал на Факултетот за менаџмент во Нови Сад.
Во својата кариера извршуваше повеќе јавни функции. Беше заменик-министер за труд и социјална политика од 2004 до 2006 година, а во 2017 година беше избран за министер без ресор, задолжен за спроведување на националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите. Подоцна истата година ја напушти министерската функција и се врати во Собранието.
Како пратеник учествуваше во работата на повеќе собраниски комисии, меѓу кои комисиите за локална самоуправа и за труд и социјална политика.
Долги години ја предводеше ПЦЕР, со политички ангажман насочен кон правата и положбата на ромската заедница.

