Повеќе водечки ирски медиумски куќи во Даблин денеска итно ги евакуираа своите канцеларии по примени закани за поставени експлозивни направи. Полицијата веднаш излезе на терен и спроведува безбедносни проверки во неколку објекти.
Меѓу евакуираните се националниот јавен сервис RTÉ, весникот Irish Independent, како и радиостаниците Newstalk и Today FM.
Од јавниот сервис RTÉ соопштија дека безбедносната тревога била активирана по закана испратена преку електронска пошта утрово. Персоналот и водителите веднаш биле изведени надвор од кампусот во јужниот дел на Даблин. Раководството на сервисот наведе дека безбедноста на вработените е главен приоритет и дека програмата ќе продолжи штом полицијата даде одобрение.
Ирската полиција (Gardaí) е распоредена и во зградата на Independent House, каде што се наоѓа редакцијата на Irish Independent, од каде што исто така ја потврдија евакуацијата. Прекин на редовната работа и напуштање на работните простории има и во радиостаниците Newstalk и Today FM.
Овие закани доаѓаат во период на зачестени лажни дојави за бомби насочени кон европски авиопревозници, но и пред претстојниот состанок на Европската политичка заедница, чиј домаќин наскоро треба да биде Даблин.

