„Стоп за фемицидот“, „Гласни против насилството“ и „Молкот е соучесништво, одбивам да молчам!!!“ – ова се пораките испишани на транспарентите на вечерашниот мирен протест во Богданци, каде што граѓаните се собраа во спомен на 17-годишната Билјана Кириќ, убиена пред три дена.
Во Градскиот парк, покрај запалените свеќи и положеното цвеќе, стоеја транспаренти што повикуваат на прекинување на насилството врз жените и на одговорност од институциите.
На собирот присуствуваа жители на Богданци, Гевгелија и околните населени места, меѓу кои соученици, пријатели и сограѓани на Билјана.





„Молкот е соучесништво“
Оваа порака, испишана на еден од транспарентите, беше меѓу највпечатливите на протестот. Таа упатува на потребата насилството да не се премолчува, особено кога постојат претходни пријави и предупредувања.
Билјана на 30 септември пријавила физичко насилство од својот 21-годишен партнер, а на 16 октомври биле изречени привремени мерки за заштита, вклучително и забрана за приближување.
И покрај тоа, на 3 ноември девојката била пронајдена мртва во опожарено возило, а во близина било пронајдено и телото на нејзиниот партнер. Според првичните информации од Обвинителството, станува збор за убиство и самоубиство, а истрагата продолжува.

„Гласни против насилството“
Со оваа порака граѓаните побараа насилството врз жените да не остане проблем за кој се зборува само по трагични случаи.
Протестот во Богданци беше и повик да се испита дали институциите презеле доволно мерки за да ја заштитат Билјана, откако насилството било пријавено.
Под пораката „Стоп за фемицидот“, присутните запалија свеќи, оставајќи зад себе тишина, цвеќиња и јасно барање ваквите трагедии да не се повторуваат.

„Ниту една повеќе“ – во недела протест и во Скопје
За недела, 8 ноември, во 12 часот, во паркот „Жена Борец“ во Скопје е најавен нов протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста.
Организаторите бараат целосна истрага за убиството на Билјана, утврдување на евентуалните институционални пропусти и поефикасна заштита на жените и девојките.
Вечерва, во Богданци, меѓу десетиците запалени свеќи, најсилно одекна пораката испишана на обичен бел транспарент:
„Молкот е соучесништво, одбивам да молчам!!!“

