„Мојот транспарент е за ќерка ми. За сите ќерки. Но, и за сите синови“, напиша Јасмина Антиќ по маршот „Ниту една повеќе!“ во Скопје. На протестот против фемицидите, одржан по смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, Антиќ носеше транспарент со пораката „Не ја родив и чувам за некој да ја претепа и запали жива!“
На маршот се читаа имиња и податоци за убиените жени. „Зад секоја бројка стои жена. Човек. Мајка. Ќерка“, напиша Антиќ. Таа потсети на насилството што може да му претходи на убиството, од контролирање и надзор до понижување, закани и физички напади.
Во објавата, Антиќ се обрати до родителите. Синовите, напиша таа, треба да учат да ги препознаваат сопствените емоции, да преземаат одговорност за своето однесување и да побараат помош пред да станат опасност за себе и за другите.
„Дека љубомората не е љубов. Дека контролата не е грижа. Дека одбивањето не е навреда. Дека жената не е ничија сопственост“, напиша Антиќ.
За ќерките, нејзината порака е да знаат дека имаат право да заминат од врска во која се плашат и дека одговорноста за насилството секогаш е кај оној што го врши.
„Да воспитуваме луѓе“, напиша Антиќ.

