Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени го повика премиерот Христијан Мицкоски на јавна дебата за студентскиот оброк, откако премиерот ги оцени неговите критики како навреда за универзитетските професори. Ходаи побара Мицкоски да одговори зошто дневната субвенција и натаму изнесува 140 денари иако законот предвидува усогласување со инфлацијата.
„Секогаш кога ве критикуваме како премиер, вие се браните како професор“, рече Ходаи во видеопораката и го повика Мицкоски да избере во кое својство ќе дојде на дебатата и ја спомена неговата работа во асистентскиот тим на татко му на Машинскиот факултет. Во интервју во 2018 година Мицкоски рече дека еден семестар бил дел од тимот на татко му, а во гостување на Сител во 2024 година негираше дека му бил асистент.
Полемиката почна откако Ходаи во петокот побара студентите да добијат пристап до бифеата на Собранието и Владата, каде што, според него, пратениците можат да нарачаат бифтек за 160 денари. Со таа споредба го постави прашањето што можат да купат студентите со 140 денари. Мицкоски во понеделникот одговори дека бил шокиран од изјавата и дека, како и министерката Весна Јаневска, со години им предавал на студенти. Рече и дека Владата разгледува дополнителни попусти за студентите во трговските синџири.
Шестмина студенти бараат исплата на разликата
Форумот за образовни промени на 6 ноември поднесе тужба против МОН пред Управниот суд во име на шестмина студенти. Бара судот да утврди дека Министерството не го усогласувало износот и да наложи ретроактивна исплата на разликата. Законот предвидува усогласување со инфлациската стапка по секоја фискална година, пред донесувањето на буџетот за следната година. Според пресметката на Форумот, дневниот износ по усогласувањето би бил околу 165 денари.
Одделно од тужбата, Националното студентско тело побара дневната субвенција да се зголеми на 200 денари. Владата предложи нов модел со 4.500 денари месечно и дигитално користење на средствата. На средбата со студентските претставници не биле договорени конечниот износ и датумот на примена.

