Што се случило во челичарницата во Турција каде загинаа 16 работници?

Билансот од експлозијата во челичарницата во Турција се зголеми на 16 загинати работници и 13 повредени, од кои двајца тешко, потврди претседателот Реџеп Таип Ердоган. Несреќата се случи на 9 ноември во погонот на компанијата „Хабаш“ во Алиага кај Измир, за време на планирано одржување, според соопштението на компанијата.

Бројот на загинатите растеше во текот на денот. Локалните власти првично соопштија за тројца починати, потоа за шестмина и десетмина, пред Ердоган во вечерното обраќање да го објави најновиот биланс.

Според првичната реконструкција што ја изнесе гувернерот на Измир, Сулејман Елбан, несреќата почнала со уривање кран при замена на опрема. Паднатите материјали завршиле во индустриската печка и оштетиле линија за природен гас, по што следувала експлозија. Ова е првична процена за текот на настаните, додека истрагата треба да ги утврди точната причина и евентуалните пропусти.

Од „Хабаш“ соопштија дека несреќата се случила при планирани работи на една од електролачните печки. Компанијата потврди дека има загинати и повредени вработени и наведе дека соработува со надлежните институции во испитувањето на причините.

Пожарот по експлозијата е изгаснат, но пребарувањето на оштетениот погон продолжува. На терен работат пожарникари, полициски спасувачки екипи и припадници на АФАД, турската агенција за управување со катастрофи. Повредените се пренесени во болници, а еден пациент бил префрлен со медицински хеликоптер во Градската болница во Измир, објави ТРТ Хабер.

Во меѓувреме, петмина се приведени во рамките на истрагата, известуваат „Медијаскоп“ и „Џумхуриет“. Министерот за правда Акин Ѓурлек соопшти дека обвинителството во Менемен отворило истрага и назначило четворица обвинители, кои со вештаци ги испитуваат околностите на несреќата.

Паралелно се спроведуваат административни проверки. Министерството за внатрешни работи назначило двајца главни инспектори, а министерот за труд и социјална сигурност Ведат Ишикхан соопштил дека и институцијата за социјално осигурување испратила главен инспектор.

„Ќе се утврди зошто и како се случил овој трагичен настан, кој направил пропусти и кој сноси одговорност“, порача Ердоган, според објавениот текст од неговото обраќање на официјалната страница на претседателската Дирекција за комуникации.

Во најновиот развој, судот во Алиага донел и забрана за известување за случајот до завршување на истрагата. „Џумхуриет“, повикувајќи се на „Анадолу“, наведува дека одлуката опфаќа вести, интервјуа, критики и коментари поврзани со настанот.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?