Олимпискиот шампион Теди Ринер објави дека се кандидира за претседател на Франција

Фото: EPA/SARAH MEYSSONNIER

Францускиот џудист и повеќекратен олимписки шампион Теди Ринер официјално ја објави својата кандидатура за претседателските избори во Франција во 2027 година. Тој порача дека настапува како кандидат надвор од традиционалните партии, кој не припаѓа ниту на левицата ниту на десницата.

Триесет и седумгодишниот џудо шампион ја соопшти одлуката преку видеообраќање и интервју за весникот „Ле Паризиен“, истакнувајќи дека сака да биде претседател кој ќе ги обедини граѓаните во период на длабока општествена поларизација.

Ринер ги претстави своите основни политички и економски заложби, кои аналитичарите ги оценуваат како блиски до либералниот центар. Тој се заложи за намалување на давачките врз платите за да се зголеми нето-приходот на работниците, како и за поголема флексибилност на законската граница од 35 работни часа неделно. За пензискиот систем нагласи дека се потребни корекции врз основа на демографските движења и тежината на работните места, без исклучување на делумна капитализација.

Во однос на политичките ривали, Ринер порача дека главен ризик за земјата е граѓаните да бидат принудени да избираат исклучиво меѓу екстремите, алудирајќи на партиите на Марин Ле Пен и Жан-Лик Меланшон. Тој изјави дека не сака да ја префрла вината на актуелниот претседател Емануел Макрон, иако смета дека власта сноси одговорност за сегашната состојба.

Актуелниот претседател Макрон позитивно го оцени неговото вклучување во претседателската трка, посочувајќи дека неговото искуство и идеи може да придонесат во јавната дебата. Политичките аналитичари и агенциите за истражување на јавното мислење оценуваат дека кандидатурата на спортистот може да одземе гласови и кај умерените кандидати и кај помладите гласачи на левицата.

За официјално да се најде на гласачкото ливче во 2027 година, Ринер ќе мора да обезбеди потписи од најмалку 500 избрани функционери.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?