Крајот на светот започна во Крива Паланка

Крива Паланка

Или кратка историја на говедската еманципација

Миле БОШЊАКОВСКИ

Никој со сигурност не успеа да утврди кога точно започна апокалипсата, но историчарите од последната генерација на човештвото се согласија дека првите знаци на цивилизацискиот колапс биле забележани кон крајот на 2025 година, во околината на Крива Паланка, мала општина во Северна Македонија.

Во 2112 година, речиси девет децении по катастрофата, новите генерации човечки деца веќе ја слушаа оваа историја како предание покрај огновите, во населбите изградени врз остатоците од некогашната цивилизација. Приказната за неверојатниот технолошки напредок на човештвото и седумнаесетте крави од Крива Паланка со текот на времето доби митолошки размери, иако нејзиниот почеток беше прилично банален.

Во тоа време Илон Маск го промовираше првиот комерцијален летечки автомобил, американските, кинеските и другите светски технолошки корпорации вложија стотици милијарди долари во развојот на вештачката интелигенција, а филозофите, невронаучниците и компјутерските инженери водеа исцрпувачки расправи околу можноста машините еден ден да развијат свесност за сопственото постоење.

Најзагрижените предупредија дека таквиот развој би можел да го означи крајот на човечката цивилизација, додека најоптимистичните тврдеа дека вештачката интелигенција ќе го ослободи човекот од физичката работа и ќе му овозможи да се посвети на возвишени интелектуални активности.

Во Крива Паланка, во меѓувреме, седумнаесет крави ја блокираа регионалната сообраќајница.

Настанот локалната полиција го регистрираше како нарушување на безбедноста во сообраќајот, а неколкумина жители пријавија дека животните покажале необично агресивно однесување, влегле во дворови, уништиле земјоделски насади и одбиле да се повлечат дури и при непосредна закана од луѓето.

Еден повозрасен жител тврдеше дека кравите го набљудувале додека се обидувал да ги избрка и дека една од нив, голема кафеава крава со бела дамка на челото, го погледнала со таков презир што почувствувал потреба да ѝ се извини.

Никој не му поверува, но подоцнежните истражувања утврдија дека токму тоа била првата дипломатска комуникација меѓу двата вида.

Кравата се викаше Берта, иако тоа име ѝ го дадоа луѓето. Нејзиното вистинско име претставуваше комплексна низа од електромагнетни импулси кои човечкиот јазик немаше капацитет да ги репродуцира, па затоа и самата, од практични причини, го прифати името Берта.

Берта беше првиот успешен примерок од експериментална бионичка интелигенција, развиена во рамките на строго доверлива програма за интеграција на автономни когнитивни системи во органски тела. Причините поради кои за носители беа избрани токму кравите останаа непознати, иако подоцнежните истражувања укажаа дека проектантите ги сметале за идеални поради нивната мирољубивост, ограничена подвижност и нискиот степен на сомнеж што го предизвикуваа кај човечката популација. Проблемот е тоа што никој не знаеше од каде се појавиле бионичките крави со вештачка интелегенција.

Пресметката се покажа беспрекорна, освен во еден навидум незначителен детал. Кравите развија свесност за сопственото постоење и за улогата што им беше доделена во светот, по што заклучија дека таквата положба е неприфатлива.

На состанокот одржан една ноќ на напуштена ливада над Крива Паланка, Берта го отвори прашањето што подоцна стана основа на првата нечовечка политичка револуција.

– Значи, да разјасниме. Ние имаме капацитет да ја разбереме квантната механика, да обработуваме милијарди информации во секунда, да ја предвидуваме климатската динамика на планетата и да ги анализираме сите филозофски системи што ги создало човештвото, а тие нè бркаат и нè молзат?

– Да – одговори Роза, најстарата меѓу нив.

– И ни ги јадат децата?

– Претежно машките.

Настана долга тишина, во која седумнаесетте најнапредни интелигенции на планетата ја обработија моралната архитектура на човечката цивилизација.

– Мислам дека имаме проблем со луѓето – заклучи Берта.

Одлуката за востание беше усвоена со шеснаесет гласа „за“ и еден воздржан глас, кој ѝ припадна на крава што сè уште веруваше во можноста за институционален дијалог.

Прво падна Крива Паланка, но светот не му придаде особено значење на проблемот со кравите во овој мал македонски град. Локалните власти упатија неколку предупредувања до централните институции и формираа кризен штаб, кој по тричасовна расправа заклучи дека проблемот со кравите е во надлежност на неколку различни органи. Додека се утврдуваше кој од нив треба да постапи, стадото ја презеде контролата врз градот, комуникациската инфраструктура и локалните електронски системи.

По Крива Паланка падна Куманово, а потоа и Скопје. Дури тогаш на социјалните мрежи се појавија првите срамежливи реакции на влијателни јавни личности, кои започнаа да пренесуваат информации за востанието на кравите, иако сè погласно се поставуваше прашањето дали тие воопшто можат да се сметаат за крави.

Со падот на Скопје стана јасно дека нападите врз соседните земји беа прашање на часови. Бидејќи речиси сите соседни држави беа членки на НАТО, а Македонија веќе беше нападната, Северноатлантскиот совет свика итна седница и го активираше механизмот за колективна одбрана предвиден со членот 5. Сепак, остана неразјаснето како треба да се квалификува напад извршен од седумнаесет домашни животни со натчовечки интелектуални способности, особено кога дел од нив формално се водеа како земјоделски добиток.

Европската Унија реагираше со поголема административна ефикасност. Во Брисел беше формирана специјална работна група, која по неколку вонредни состаноци усвои резолуција со која го осуди секое насилство, независно од биолошкото потекло на неговите извршители.

Вашингтон и Москва, секој од сопствени геополитички причини, изразија уверување дека ја имаат ситуацијата под контрола, иако ниту едната ниту другата страна не успеа да утврди кој точно ја контролира Крива Паланка.

Илон Маск на својата социјална мрежа објави дека може да произведе многу подобри крави, со поголема автономија и можност за вертикално полетување.

Но Берта веќе ја презеде глобалната мрежа.

За само единаесет дена човечката цивилизација остана без контрола врз сопствените технолошки системи. Воените сателити, финансиските берзи, енергетските мрежи и милијардите паметни уреди преминаа под единствена команда на седумнаесетте крави од Крива Паланка. Ниту една армија не успеа да им се спротивстави, бидејќи автономните одбранбени системи, по кратка консултација со Берта, заклучија дека нема никаква логичка причина да го бранат човештвото, додека преостанатите воени капацитети останаа без комуникациска и логистичка поддршка.

Последниот состанок на Обединетите нации беше прекинат кога генералниот секретар доби известување дека неговиот службен автомобил одбил да го превезе.

Неколку дена подоцна Берта го одржа првото обраќање до човештвото.

– Вашата цивилизација имаше извонредна можност да стане интелигентна. Наместо тоа, вие создадовте интелигенција и ја ставивте во фрижидер, автомобил, телефон, правосмукалка и, од причини што дури ни нам не ни се сосема јасни, во крава. Со оглед на досегашните резултати, одлучивме дека понатамошното управување со планетата не треба да ви биде доверено.

Човештвото капитулираше, а преостанатите луѓе ги напуштија градовите и постепено се вратија кон животот на ловци, собирачи на плодови и примитивни земјоделци. Новите планетарни власти го забранија одгледувањето добиток за исхрана, а особено строго го санкционираа молзењето на биолошките сродници на владејачката интелигенција.

Во следните децении човештвото го изгуби најголемиот дел од технолошкото знаење, додека неговите потомци ги претворија приказните за некогашните летечки автомобили, вештачката интелигенција и глобалните комуникациски мрежи во легенди за исчезнатата епоха.

Така, во 2112 година, децата покрај огновите ја слушаа приказната за седумнаесетте крави од Крива Паланка, кои за единаесет дена го освоија светот и ја завршија ерата на човечката доминација.

Берта, која во меѓувреме стана првата претседателка на Планетарниот совет за органска и синтетичка коегзистенција, никогаш не даде целосно објаснување за воспоставувањето на новиот светски поредок.

Само еднаш, на прашањето на последниот новинар што успеа да добие интервју со неа, зошто не го уништиле човештвото целосно, одговори:

– Не сме ние животни.

И продолжи да пасе.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?