И покрај високите казни со новите закони, се чини дека навиката во Македонија да се вози без возачка дозвола и без положен возачки испит, тешко се менува.
Во последниот дневен билтен, Министерството за внатрешни работи евидентира осум апсења на возачи, а од нив дури шестмина возеле без положен возачки испит.
„Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода осум возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, шест управувале возило без положен возачки испит и тоа: Б.Р.(36) од с.Слатино, тетовско, З.С.(34) од Кичево, 40-годишната Д.Т. од с.Миравци, гевгелиско, Е.Б.(24) и двајца 17-годишници, сите од Скопје. Додека, пак, со 14-годишник од Велес, во присуство на родител бил извршен службен разговор поради тоа што управувал мопед без возачка дозвола. В.К.(44) од Скопје и Н.С.(26) од Охрид управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување со моторно возило“ стои во соопштението на МВР.
Од МВР додаваат дека по целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат законите.

