Зошто НАТО нема да одржи самит во Тирана во 2027 година?

НАТО

Самитот на НАТО, кој требаше да се одржи во Тирана во 2027 година, нема да се одржи во претходно планираниот термин, потврди албанскиот премиер Еди Рама. Одлуката доаѓа во период на несогласувања во Алијансата околу зачестеноста на самитите, издвојувањата за одбрана и односите со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Говорејќи во Даблин, каде што учествува на самитот на Европската политичка заедница, Рама изјави дека земјите членки на НАТО сè уште немаат заеднички став за датумот на следниот самит.

„Проблемот е што сè уште нема заеднички став за тоа кога ќе се одржи самитот. Сигурно нема да биде во 2027 година“, изјави Рама.

Тој додаде дека Албанија останува предвидениот домаќин и дека, доколку самитот се организира во 2028 година, ќе се одржи во Тирана.

Според Ројтерс, плановите за самитот биле доведени во прашање уште во јуни, поради противењето на администрацијата на Доналд Трамп и незадоволството на дел од членките од ниските издвојувања на Албанија за одбрана.

Во меѓувреме, НАТО ја разгледува и можноста да се откаже од практиката на одржување самити секоја година. Таквата промена би можела да го намали бројот на средби на највисоко ниво во период на политички несогласувања меѓу сојузниците.

На самитот во Хаг во 2025 година, лидерите на НАТО најавија дека по средбата во Турција во 2026 година ќе следува самит во Албанија.

Меѓутоа, во завршната декларација од самитот во Анкара во јули 2026 година, повеќе не беше наведен ниту датумот ниту местото на следната средба.

Претставник на НАТО за Ројтерс потврдил дека следниот самит на Алијансата ќе се одржи во Албанија, но дека одлука за датумот сè уште не е донесена.

За Албанија, домаќинството на самитот претставува значаен дипломатски настан, бидејќи би било првпат земјата да биде домаќин на средба на лидерите на НАТО.

Засега останува неизвесно кога ќе се одржи следниот самит, но Тирана и понатаму е предвидена како домаќин.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?