Мониторингот на фауната во Националниот парк „Пелистер“ покажа дека во Црвена Река живее пелистерската пастрмка (Salmo peristericus), ендемичен вид карактеристичен за планината Баба. Досега беше познато дека оваа пастрмка живее претежно во реките во Преспа, но новите сознанија потврдуваат дека ја има и во други планински водотеци на Пелистер.
„За првпат по пет или шест години ќе спроведеме мониторинг на ендемичниот вид пастрмка што живее во Брајчинска, Кранска и Лева Река. Последните следења покажуваат дека ја има и во Црвена Река, што е ново откритие за сите нас. Во 2027 година ќе ги имаме податоците за бројноста и за здравствената состојба на рибата“, рече директорот на НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски.
Црвена Река тече низ североисточниот дел на планината Баба, во близина на месноста Црвени Стени, а потоа продолжува низ селото Нижеполе. Нејзините води се влеваат во реката Драгор, која минува низ Битола.
Името Црвена Река се поврзува со оксидираните минерали во карпите, кои им даваат природна црвеникава нијанса, но и со крвавите борби на Пелистер во Првата светска војна во 1917 година.
Реката е дел од природните убавини на Пелистер. Една од планинските патеки што минуваат низ нејзината долина води до Пелистерскиот Водопад, додека патеката Копанки – Јоргов Камен – Црвени Стени се протега високо над долината, нудејќи панорамски поглед кон сливот на реката.
Во границите на Националниот парк „Пелистер“ живее и поточната пастрмка, која е застапена во горните текови на реките Сапунчица, Злокуќанска и Ротинска.
Во Националниот парк „Пелистер“ риболовот е строго забранет. Забраната важи за сите планински реки и потоци во рамките на паркот, како и за ледничките езера.
Ж. З.
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

