Портпаролот на некогашниот украински премиер Микола Азаров е тешко повреден денеска при експлозија на автомобил во јужниот дел на Москва. Инцидентот е втор ваков напад со автомобил-бомба во Русија во последните два дена.
Според руските и украинските медиуми, експлозивната направа била активирана во возилото во кое се наоѓал поранешниот соработник на Азаров. Извори од руските безбедносни служби за агенцијата ТАСС потврдиле дека повредениот е итно пренесен во болница и се наоѓа во тешка состојба.
Руските медиуми и телеграм-канали наведуваат дека жртвата претрпела сериозни повреди, вклучително и губење на екстремитет, а истражителите на терен ги утврдуваат точните околности под кои експлозивот бил поставен под автомобилот.
️🫡 В Москві знову підірвали автомобіль: він належить прессекретарю експрем’єра України Миколи Азарова Сергію Заворотному, – росЗМІ 🔊Toyota Fortuner проїхала близько 200 метрів після виїзду з двору. Заворотного госпіталізували https://t.co/g44eV9KoTJ
— Oleksii (@Oleksii88877) November 13, 2026
Истражниот комитет на Русија соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и недозволено поседување и ракување со експлозивни материи. Форензички екипи го обезбедија местото на експлозијата, каде што од детонацијата се оштетени и околни паркирани возила.
Поранешниот премиер на Украина Микола Азаров, кој ја напушти земјата по протестите во 2014 година и оттогаш живее во Русија, за руските медиуми ги коментираше наводите за идентитетот на повредениот.
Руските власти засега официјално не соопштуваат кој стои зад нападот, ниту дали инцидентот е директно поврзан со вчерашната експлозија на друг автомобил на територијата на Русија.

