Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово го забрани увозот на производи од тетовската млекарница АД „Млекара Тетово“ и врати две пратки со вкупна тежина од 12.268 килограми.
Причината е повторено кршење на стандардите за безбедност и хигиена на храната во производството, како и незадоволителни лабораториски резултати од претходните пратки, објавува Радио Ким. Станува збор за креми за храна со растителни масти и сирење, произведени од АД „Млекара Тетово“. Интересно е што северозападниот град Тетово и околината се населени со етнички Албанци, како и жителите на Косово.
Пратките биле наменети за компанијата „ВИЗИОНИ М.З.И.И.“ од Преоце, во близина на Грачаница, и биле запрени на граничниот премин „Генерал Јанковиќ“. Според соопштението на агенцијата, одлуката за одбивање на увозот е донесена врз основа на забраната за увоз на производи од овој производител, воведена на 6 ноември. Како причина за забраната се наведуваат повторени кршења на критериумите за безбедност на храната и проблеми со хигиената во производството. „Оваа одлука е донесена по утврдувањето на повторени прекршувања на критериумите за безбедност на храната и проблеми со хигиената во производството, вклучително и незадоволителни лабораториски резултати кои покажуваат присуство на бактеријата Escherichia coli над дозволените граници во претходните пратки“, се вели во соопштението на агенцијата.
Првата пратка, со тежина од 7.368 килограми, ги содржеше производите „Natura Delicacies“, „Double Cream Masterfood“, „Extra Delicacies Aksion“ и „Cow Cheese“.
Втората пратка, со тежина од 4.900 килограми, ги содржеше производите „Natura Sharplaninska“ и „Krim Extra Masterfood“. Косовската агенција нагласува дека ниту една од двете пратки не била пуштена во продажба на косовскиот пазар.

