Научниците ги однеле бремените змии во зоолошка градина за нивните младенчиња да ги поминат првите, најризични месеци од животот на безбедно. Кога пораснале доволно за да можат да преживеат во природата, 62 млади змии биле пуштени во дивината во Калифорнија. Ова е првпат ваква програма успешно да се спроведе за санфранциската шарена змија, еден од најзагрозените влекачи во САД.
Програмата започнала во 2025 година, кога биолози од Американскиот геолошки институт (USGS) собрале бремени женки од здрава популација во заштитено природно подрачје. Тие биле пренесени во зоолошката градина во Сан Франциско, каде што ги родиле младенчињата во контролирани услови.
По породувањето, мајките биле вратени во нивното природно живеалиште, додека младите змии останале во зоолошката градина. Таму добивале специјализирана грижа сè додека не пораснале доволно за полесно да се справат со предаторите и конкуренцијата за храна во природата.
Пред да бидат пуштени на слобода, сите 62 змии биле генетски тестирани. Резултатите им помогнале на научниците да одредат каде треба да биде пуштена секоја од нив, со цел да се подобри генетската разновидност на постојните популации.
Околу една третина биле вратени во подрачјата од кои потекнувале нивните мајки, а останатите биле распределени во други популации на кои им биле потребни нови единки. Точните локации на кои се пуштени змиите не се објавуваат за да се заштитат од нелегално собирање, сообраќајни несреќи и болести.
Санфранциската шарена змија (Thamnophis sirtalis tetrataenia) е препознатлива по впечатливите сино-зелени, црни и црвено-портокалови шари. Живее природно само на полуостровот Сан Франциско, во делови од окрузите Сан Матео и Санта Круз во Калифорнија.
Видот е на американската листа на загрозени животни од 1967 година. Неговото опстојување го загрозуваат уништувањето и фрагментацијата на природните живеалишта, сушите, намалувањето на достапната храна, болестите и нелегалното собирање. Во дивината се проценува дека останале само неколку илјади единки.
Методот што го примениле научниците се нарекува „head-starting“ и подразбира одгледување млади животни во контролирани услови во периодот кога се најранливи, сè додека не достигнат возраст и големина што им даваат подобри шанси за преживување во природата.
Првото успешно враќање на овие змии во дивината не е крај на проектот. Во 2026 година во зоолошката градина се родиле уште повеќе од 130 младенчиња, кои се одгледуваат за следното пуштање во природата, планирано за 2027 година.
Долгорочната цел на научниците е да создадат најмалку десет стабилни популации, со најмалку 200 змии во секоја, кои ќе можат самостојно да се размножуваат и да го обезбедат опстанокот на овој редок вид.

