Алта банка: еден документ три различни верзии, решението на ребусот го има Славески

Алта Банка

Надзорната расправа за Алта банка во Собранието на Македонија минатата недела отвори нови и повеќе дополнителни прашања, отколку одговори.

Владината одлука од 2023 година, објавена во „Службен весник“ број 123, стана центар на политичкиот спор за Алта банка. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ВРЕДИ ја опишуваат различно, додека во Србија сопственикот на банката е уапсен, а во Битола Народната банка воведе привремена управа.

Спорот се води околу тоа како српската Алта банка стигнала до сопственоста на Стопанска банка Битола. На надзорната расправа во Собранието на 11 ноември премиерот Христијан Мицкоски покажа одлука на владата на СДСМ и ДУИ од 2023 година. Според него, таа ѝ дала насока на државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка и со сопственикот Давор Мацура.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврди спротивно: владата тогаш не дала согласност. Според него, Мацура побарал да откупи акции што државата ги има по основ на југословенската сукцесија, не добил согласност, а преостанатите акции биле преземени без македонска согласност, по механизам од српското законодавство.

Од трета страна, ВРЕДИ додаде нов агол. Коалицијата тврди дека Артан Груби од ДУИ лично ја потпишал одлуката за продажба на државните акции во Стопанска банка Битола, донесена на владина седница на 6 јуни 2023 година и објавена на 13 јуни. Според ВРЕДИ, тие акции, заедно со приватните од „АС Сењак“, на крај завршиле кај Мацура. Партијата им упати прашања на Али Ахмети, Фатмир Бесими и Бујар Османи.

Што докажуваат документите, а што не

Од изворите се гледа дека се споменува ист „Службен весник“ број 123, но предметот на одлуката се опишува различно: како акции во банка во Битола или како акции во српска банка. Тоа е прашањето на кое мора да се одговори со самиот текст на одлуката. Сама по себе, одлука од 2023 година не докажува дека Алта банка ја купила Стопанска банка Битола со знаење или благослов на тогашната влада, ниту ја разрешува одговорноста за денешната состојба на сегашната власт на чиј предлог беше именувано актуелниот гувернер на Народната банка на Северна Македонија.

Оттука, одлуката за влез во банката е друга. Гувернерот Трајко Славески изјави дека Народната банка дала согласност на Алта банка Белград, а не на физичко лице, и дека целосно стои зад одлуката. Според него, Стопанска банка Битола била во многу лоша состојба, пет години под засилен надзор, а претходниот сопственик бил на американската „црна листа“. Додаде дека банка од Унгарија по неколку месеци анализа се откажала од влез.

Што се случи во меѓувреме

Српската народна банка на 31 октомври ѝ ја одзеде лиценцата на Алта банка Белград и отвори стечај. На 2 ноември српското Обвинителство за организиран криминал го лиши од слобода Мацура и двајца вработени. Го сомнева дека од трезорот на банката извел околу 45 милијарди динари, околу 383 милиони евра, а тој ја негира вината. Суд му одреди притвор до 30 дена, а според Инсајдер, му е забрането да располага со имотот.

Истиот ден Народната банка воведе привремена управа во Алта банка Битола. Гувернерот соопшти дека банката е ликвидна, високо капитализирана и со солиден кредитен портфолио и дека не се затвора. Фондот за осигурување на депозити не е активиран, а лимитот за подигање беше 10.000 денари неделно. Претходниот ден од банкоматите и експозитурите биле подигнати околу два милиони евра.

Прашањето за одговорност

СДСМ поднесе кривични пријави против Славески и другите вклучени во „внесувањето“ на Алта банка во Македонија и тврди дека конфискуван пакет од 7.213 акции (1,85 отсто од капиталот), продаден во јануари 2026 година за околу 375.000 евра, е доказ за зделка. Тоа е тврдење на СДСМ. Исходот од пријавите е непознат.

Државата има два посебни проблеми. Првиот е регулаторен: што проверила Народната банка пред да даде согласност. Вториот е политички: која власт, и во кој момент, ѝ го отворила патот на Алта банка.

Додека не се објави целиот текст на одлуката и документацијата на Народната банка, двете прашања се мешаат, а штедачите во Битола чекаат нов сопственик.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?