Фондацијата „Фридрих Еберт” (ФЕС) – канцеларија Скопје и Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) упатија повик за акција под мотото „СТОП за сиромаштијата”, отворајќи дискусија за клучните предизвици во борбата против сиромаштијата во Северна Македонија и потребата од поефикасни политики и мерки за обезбедување достоинствен живот за сите граѓани. На денешниот настан во Центарот за социјални претпријатија во Скопје беа разгледани повеќе аспекти на сиромаштијата, вклучително и нејзините економски и социјални димензии, состојбата на работниците, растот на трошоците за живот, младинските политики и достапноста на социјалните услуги.
Дискусијата ја отвори Програмскиот координатор во ФЕС Марко Михаилоски кој потенцираше дека борбата против сиромаштија не е прашање на социјална политика, туку е прашање на социјална правда, солидарност и еднакви можности – вредности коишто се во сржта на нашето делување.
„Не може да зборуваме за праведно општество ако луѓето кои работат, а не можат достоинствено да живеат, ако сиромаштијата се наследува и ако пристапот до основните права зависи од економската состојба на поединецот. Достоинствениот живот не е привилегија, туку е право, и токму затоа и важна оваа дискусија”, рече Михаилоски.
Претседателката на Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) Билјана Дуковска зборуваше за европските политики за борба против сиромаштијата и нивната примена во Северна Македонија, посочувајќи дека долготрајното одржување на високото ниво на сиромаштија ја наметнува потребата од нова, сеопфатна стратешка рамка.
„Сиромаштијата стои на стандардно високо ниво многу долго, што укажува на потреба од креирање нова стратешка рамка која ќе се фокусира на меѓусекторско координирање за директно влијание врз сиромаштијата. Рамката треба да е сеопфатна и во себе да ги интегрира и климатските ризици и енергетските предизвици, домувањето и дискриминацијата. Многу е важно рамката да биде изработена низ партиципативен процес кој покрај институциите ќе вклучува експерти, граѓанско општество и лица со искуство во сиромаштија. Овој настан е дел од тој процес низ кој сакаме да дадеме препораки како најсоодветно да се обликува стратешката рамка, но и механизмите кои ќе гарантираат учество во нејзината имплементација и секако структурата за координација”, истакна Дуковска.
Македонскиот синдикален претставник, Иван Пешевски се осврна на проблемот со сиромаштијата и покрај вработеноста, нагласувајќи ја поврзаноста меѓу висината на платите, работничките права и можноста вработените да обезбедат достоинствен живот.
„Слухот за работниците некако е сè помал и помал, не само од претставниците на власта, туку и од претставниците на работодавачи. Македонските граѓани работат две, три работи за да однесат парче леб дома. Со колку работни саати македонскиот работник денес треба да го помине денот за да денеска однесе дома плата која ќе му овозможи достоинствен живот? Како една од причините за насилството коешто ни се случува по улици, ве убедувам дека е и поради таа сиромаштија, поради немање доволно средства да се преживее месецот, па се рефлектира на жената дома, и обратно жената на мажот, на деца. Ние се трудиме да ја подигнеме свеста за таа нервоза, да го канализираат гневот не дома на своите, туку пред влада. Упорно велам дека тие луѓе, за таа сиромаштија треба секој ден да бидат со шатори пред влада за да сфати некој дека повеќе не се живее достоинствено со платите”, изјави Пешевски.
Извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски ја отвори темата за трошоците за живот, животниот стандард и новите облици на сиромаштија, со фокус на економските притисоци со кои се соочуваат домаќинствата.
„Во нашето општество минималната плата сè уште не е реален репер за пресметка на останатите плати, па имаме апсурдна ситуација каде основа за пресметка ни е плата за најнизок степен на сложеност која по закон не смее ни да се исплати. Дополнително, бидејќи сме увозно зависна земја, кајмакот од сè што трошиме завршува во странство, а кај нас остануваат само маржите на шака луѓе кои го контролираат пазарот и создаваат нелогична инфлација. Во такви услови, не можеме да очекуваме продуктивност од работник кој работи на машина стара 60 години за иста плата, македонскиот работник не произведува помалку затоа што не сака, туку затоа што нема технологија и услови за да создаде додадена вредност”, порача Митевски.
Претставничката на ХЕРА Млади Ема Мицевска, информираше дека статистиката покажува дека 30% од младите под 18 години се соочуваат со сиромаштија, а 17% од домаќинствата со двајца возрасни и две деца исто така се во ризик.
„Покрај семејниот контекст, еден од клучните и често занемарени проблеми е домувањето и условите за живеење, кои директно влијаат врз развојот и интеграцијата на младите во општеството. Осамостојувањето и купувањето сопствен дом претставуваат исклучително тешка мисија, бидејќи според пресметките, на млад човек би му биле потребни околу 11 години целосно заштедена плата или нереални месечни издвојувања за кредит за да купи недвижност. Дополнително, проблемот се зголемува со ограничениот пристап до бесплатни здравствени и социјални услуги, како и со високиот процент на млади кои не се ниту во образование, ниту вработени, ниту во обука (NEET категоријата)”, додаде Мицевска.
Граѓанскиот активист Владимир Лазовски, рече дека вистинската социјална политика не значи само краткорочно префрлање парични надоместоци, туку инвестирање во флексибилни и достапни социјални услуги кои го следат човекот низ целиот животен век.
„Системот мора да ги препознае давателите на услуги како дел од темелот на општеството, да им обезбеди одржливост и достојни работни услови, бидејќи само така можеме да го спречиме трансакцискиот круг на сиромаштија, да ја поттикнеме вистинската вклученост и на луѓето да им овозможиме адекватност, достапност и нов животен пат без бирократски бариери”, истакна Лазовски.

