Руски воен транспортен авион „Ан-12“ се урнал денеска во близина на селото Јагуново, во Кемеровската област во Сибир. Според извештаите на руските медиуми, загинале 17 лица, но бројот на жртвите засега не е официјално потврден.
Гувернерот на областа, Илја Середјук, потврдил дека се случил воздухопловен инцидент и соопштил дека на местото работат оперативните служби. Тој навел дека регионалните власти ја обезбедуваат потребната помош и дека се упатил кон местото на несреќата.
Според првичните, непотврдени информации, авионот летал од Новосибирск кон Канск. Очевидци опишале пожар на леталото пред тоа нагло да почне да паѓа и да удри во нива.
Во првите извештаи се појавија различни информации за бројот на луѓето во авионот и за загинатите. Причината за падот, како и конечниот биланс на несреќата, допрва треба да ги утврдат надлежните служби.
