Иницијативата „Ниту една повеќе“ повика на блокада пред Владата во Скопје во петок, 20 ноември, во 13 часот. Ова е втора акција на иницијативата овој месец, по протестниот марш на 8 ноември против фемицидите и институционалната негрижа за насилството врз жените.
„Доста беше од ветувања, молчење, молење и чекање. Бараме ОДГОВОРНОСТ, бараме ПРАВДА, бараме ПРАВА!“, се наведува во повикот, кој завршува со пораката „Се гледаме на улица!“
Во деновите по маршот, 21-годишна битолчанка пријавила дека партнерот физички ја нападнал. На 14 ноември, полицијата во Охрид привела 34-годишен маж по пријава дека ја нападнал својата 28-годишна девојка. Следниот ден, во истиот град, беше нападната 26-годишната Сара Ѓорѓиеска. За нападот врз неа е поднесено обвинение, а на обвинетиот му е одреден 30-дневен притвор.
Кога институциите доцнат, жената што побарала помош може повторно да биде нападната додека чека заштита. Затоа да се крене глас е и граѓанска одговорност. Жените што преживеале насилство не треба сами да бараат одговорност од институциите. Кога тоа барање ќе стане заедничко, јавниот притисок може да донесе промени во начинот на кој институциите постапуваат уште од првата пријава.
„Ниту една повеќе“ најави протест и во среда, 25 ноември, во 17 часот во паркот „Жена борец“ во Скопје.

