Александар Чупиќ е новиот претседател на српското Собрание

Александар Чупиќ, кандидатот на Студентската листа, е избран за нов претседател на Собранието на Србија. Изборот следува по повеќедневна расправа обележана со остри полемики, лични обвинувања и долги обраќања на пратениците.

Чупиќ беше еден од двајцата кандидати за функцијата. Пратеничката група предводена од Александар Вучиќ го предложи Стојан Раденовиќ, кој како највозрасен пратеник претседаваше со конститутивната седница.

Во пресрет на гласањето, Чупиќ најави дека ќе работи на враќање на достоинството на парламентот, почитување на деловникот и поинаков однос меѓу пратениците. Порача дека претседателот на Собранието има одговорност да го одреди тонот на расправата и дека промената треба да почне од начинот на кој се водат седниците.

Неговата кандидатура наиде на остри напади од СНС. Вучиќ и неговите сопартијци го оспоруваа неговото академско звање и изнесуваа тврдења за имотот што го поседува. Чупиќ одговори дека сè што стекнал е резултат на неговиот труд и најави дека ќе поднесе имотна пријава до Агенцијата за спречување корупција.

Конститутивната седница почна на 17 ноември со потврдување на мандатите на сите 250 пратеници. На дневен ред се и изборот на потпретседатели, именувањето генерален секретар и формирањето на собраниските работни тела.

По крајот на седницата, СНС ја напушти парламентарната сала.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?