Температури до 22 степени и силни налети на ветер ја одбележуваат втората половина на ноември во Македонија. Јужното воздушно струење носи топлина над вообичаената за овој период, но и дожд и силен ветер, особено во западните делови.
УХМР предупредува дека вечерва, во текот на ноќта и утре претпладне, југозападниот ветер наместа ќе надминува 80 километри на час. Во западните подрачја се очекуваат и пообилни врнежи, локално над 15 литри на квадратен метар.
Во Скопје температурите ќе останат значително над просекот. Вечерва и ноќеска ќе има повремен дожд и умерен до засилен ветер од променлив правец.
Во петок, 20 ноември, врнежите постепено ќе престануваат и ќе се разведрува, но претпладне во западните делови ќе продолжи силниот ветер.
За викендот се очекуваат сончеви периоди и повремен дожд, претежно на запад. Позначително заладување УХМР најавува од понеделник до средината на следната работна седмица, кога наместа температурите ќе се спуштат и под нулата.
