Србија бара запирање на продажбата на Алта банка Битола

Српското Движење на слободни граѓани, ПСГ, побара Агенцијата за осигурување депозити да преземе мерки за запирање или одложување на продажбата на мнозинскиот пакет акции во Алта банка Битола. Партијата предупредува дека кратките рокови и моделот на последователно намалување на цената можат да ги оштетат доверителите на белградската Алта банка во стечај.

На продажба се понудени 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од акциите на битолската банка. Сопственик на пакетот е Алта банка Белград во стечај, со која, според соопштението на ПСГ пренесено од „Нова“, управува српската Агенција за осигурување депозити.

Првата аукција на Македонската берза е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Продажбата е организирана по моделот „сè или ништо“, што значи дека се купува целиот понуден пакет.

Ако нема продажба, следните аукции се предвидени за 1, 2, 3, 4 и 7 декември. На секоја наредна аукција почетната цена ќе се намалува за десет проценти во однос на претходната.

ПСГ смета дека рокот за барање претходна согласност, кој истече на 19 ноември, им остава премалку време на инвеститорите за темелна проверка на работењето. Според партијата, таквите услови создаваат ризик од продажба под реалната вредност.

Движењето побара реакција од вршителката на должност директорка на Агенцијата, Љубица Пантелиќ, отворајќи и прашање за можен судир на интереси поради претходно објавени наводи за семејна поврзаност со кредити во Алта банка. Пантелиќ претходно негирала дека таа или членовите на нејзиното потесно семејство се корисници на тие кредити, пренесува „Нова“.

Доколку продажбата се реализира, ПСГ бара целиот приход да заврши во стечајната маса за намирување на доверителите.

Од македонска страна, постапката е образложена како мерка за обезбедување нов сопственик, натамошно стабилно работење и заштита на интересите на штедачите и клиентите.

Комерцијална банка веќе објави дека нејзиниот Надзорен одбор на 19 ноември донел одлука за учество на аукцијата. Одлуката претставува најава за учество во наддавањето, додека исходот од продажбата допрва треба да биде утврден.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?