Данската влада ќе предложи целосна забрана за користење мобилни телефони во основните училишта и во нижите класови од средните училишта, почнувајќи од новата учебна 2027 година. Покрај ограничувањето на приватните уреди, данското Министерство за образование најави и задолжително филтрирање на интернет-содржините на училишните мрежи за време на наставата.
Новите правила предвидуваат отстранување на паметните телефони и на другите приватни електронски уреди со пристап до интернет од училишната средина. Целта на мерката е да се намали одвлекувањето на вниманието кај учениците за време на образовниот процес.
„Децата треба да можат да одат на училиште без постојано попречување од работи како што се социјалните мрежи, интернет-купувањето и играњето видеоигри“, порача во официјалното соопштение данскиот министер за образование Магнус Хојнике.
Покрај физичката забрана за уредите, образовните власти воведуваат и технички филтри на училишните интернет-мрежи. Со нив за време на часовите ќе се блокира пристапот до веб-страници кои немаат образовна или педагошка намена, вклучувајќи ги платформите за социјално вмрежување, сајтовите за видеоигри и онлајн-продавниците. Секоја општина и секое училиште самостојно ќе одлучуваат кои конкретни веб-страници ќе бидат опфатени со блокадата.
Одлуката на Копенхаген се надоврзува на поширокиот европски и светски тренд за ограничување на дигиталните уреди во училниците. Земји како Холандија, Италија и Јужна Кореја веќе воведоа забрани за паметни телефони во училиштата поради загриженост за нивното влијание врз концентрацијата и однесувањето на учениците.
Во јуни оваа година слични законски предлози за ограничување на телефоните во наставата поднесоа и Полска и Чешка, додека Хрватска уште во март 2026 година стави забрана за употреба на мобилни телефони во основните училишта.

